Турција: Закон за дезинформации за заплашување медиуми пред избори

Затскривањето зад терминот „дезинформации“ во овој закон, го осудија и новинарските организации во Турција и го оценија како криминализирање на протокот на информации

0
184
задушувањ на слобода на говор
Меѓународните медиумиски организации го осудија т.н. закон за дезинформации

Предложениот закон за „дезинформации“ во Турција ја загрозува слободата на говорот и може дополнително да му наштети на новинарството пред изборите следната година. Ова е ставот на правното тело на Eвропската организација за заштита на човековите права, која го повикува турскиот парламент да го отфрли т.н. нацрт-закон за дезинформации.

Венецијанската комисија, која го советува Советот на Европа, смета дека затворските казни и другите последици од нацрт-законот се непропорционални со целите на законот и може да доведат до „произволно ограничување на слободата на изразување“, пренесува Ројтерс.

Ердоган: Законот е само за дезинформации во медиуми и социјални мрежи

Според Владата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган законот ќе се однесува на дезинформациите во печатот и на социјалните мрежи. Неговата владејачка партија АКП и нејзините сојузници имаат мнозинство во парламентот. Оттука, се очекува предлог-законот да биде усвоен веднаш оваа недела.

Критичарите на законското решение, меѓу кои и опозициските партии и новинарските групации, пред сѐ се загрижени поради членот во кој се предвидува дека „оние кои шират лажни информации за безбедноста на Турција за да создадат страв и да го нарушат јавниот ред, ќе се соочат со затвор од една до три години“.

– Комисијата е особено загрижена за потенцијалните последици од таквата законска одредба, односно поради застрашувачкиот ефект и зголемената самоцензура, не само во поглед на претстојните избори во јуни 2023 година, се вели во извештајот на Европската организација за човекови права издаден доцна во петокот.

Меѓу другото, во извештајот се вели дека нацрт-законот „претставува мешање во слободата на изразување“ која е заштитена од Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП).

Комисијата побара од пратениците да ги разјаснат условите во предлог-законот и да го отфрлат нацрт-амандманот, за кој се расправаше минатата недела.

Сериозен потенцијал за задушување на слободата на говор

Нацрт-законот ќе продолжи со децениското задушување на слободата на говорот и медиумите во времето на Ердоган. Турскиот претседател се соочува со тешки претседателски и парламентарни избори следната година, пишува Ројтерс.

Според најавите, турскиот парламент ќе ја продолжи расправата за контроверзниот законот во вторник, откако минатата недела ги усвои првите 15 членови.

Не е првпат

Турција се соочува со суспензија од Советот на Европа поради пресудата на ЕСЧП дека ја игнорирала претходната пресуда од 2019 година со која се бара ослободување од затвор на филантропот Осман Кавала.

Инаку, дезинформациите и говорот на омраза беа високо на агендата и на годинешната седница на Генерално собрание на ОН.

Затскривањето зад терминот „дезинформации“ во овој закон, го осудија и новинарските организации во Турција и го оценија како криминализирање на протокот на информации.

Според сознанијата на Ројтерс добиени од истражувања во Турција, мејнстрим медиумите во земјата се подложени на притисок да објавуваат наслови одобрени од владата.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде