Велика Британија денес соопшти дека санкционирала високи ирански безбедносни функционери и т.н. „полиција за морал“. Причината е што оваа „полиција за морал“ користи закани за притворање и насилство со цел Иранките да бидат под контрола како се облекуваат и како се однесуваат во јавност, јавува Ројтерс.
Оваа мерка следува непосредно откако 22-годишната Махса Амини почина во притвор предизвика откако беше приведена од „полицијата за морал“.
Нејзината смрт поттикна протести и во Иран и на меѓународно ниво. Демонстрантите повикаа иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, да си замине или да биде соборен.

Повикувајќи се на трагичната смрт на Амини и протестите што следуваа, Британија соопшти дека ја санкционирала полицијата за морал во целост, како и нејзиниот началник, Мохамед Ростами Чешмех Гачи, и началникот на Одделот во Техеран, Хаџ Ахмед Мирзаи.
– Овие санкции испраќаат јасна порака до иранските власти – ќе ве повикаме на одговорност за вашата репресија врз жените и девојчињата и за шокантното насилство што го вршите врз вашиот народ, рече министерот за надворешни работи Џејмс Клеверли во изјавата.
Иранските власти претходно ги опишаа протестите како заговор против земјата од нејзините непријатели, вклучително и САД.
Санкциите се донесени со цел да го поттикнат Иран да ја почитува меѓународната регулатива за човекови права и да ги почитува правата на жените.
Именуваните лица се санкционирани со тоа што им е забрането да патуваат во Британија, а сите средства што ги чуваат во Британија ќе бидат замрзнати.
Минатата недела, Министерството за надворешни работи на Велика Британија соопшти дека го повикало иранскиот вршител на должност, највисокиот ирански дипломат во Велика Британија, да му врачи протестна нота поради задушувањето на протестите.
Со слични проблеми се соочуваат и жените во Авганистан. Околу 80% од авганистанските новинарки ги загубија своите работни места, а останатите се соочуваат со сериозни ограничувања, како што е правилото да го покриваат лицето додека учествуваат во програма на телевизија.