Четири од пет новинарки се жртви на онлајн вознемирување

0
229
онлајн вознемирување
Новинарките во РС Македонија се жртви на систематско онлајн вознемирување

Четири петтини од анкетираните новинарки или 81.6 отсто биле жртви на онлајн вознемирување, а најчесто преку социјалните мрежи, покажува најновото истражување што го спроведе Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.

За потребите на анализата на ПИНА анкетирани се 103 новинарки, од кои 80,6% имаат повеќе од 10 години работно искуство.

Според новинарките, мотиви за вознемирувањето најчесто биле:

  • објава на новинарски текстови насочени кон други центри на моќ (56.6%)
  •  објава на сопствени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите (43.4%)
  • објавени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички насочени кон некоја партија (36.1%)
  • изразување лични ставови и мислења за општествени случувања кои биле критички кон властите (24.1%)
  • изразување лични ставови и мислења за општествени случувања кои биле критички кон некоја партија (18.1%).

Новинарките ретко ги пријавуваат случаите на вознемирување во дигиталниот простор. Од 81.6 отсто новинарки вознемирувани поради својата работа дури 43,7 отсто вознемирувањето не го пријавиле никаде. Најголем дел од останатите (32%) го пријавиле во својата редакција.

Во светски рамки, а според податоците од истражување спроведено од Меѓународната федерација на новинари кое е цитирано во публикацијата на ПИНA), 64 отсто од новинарките се соочиле со онлајн насилство. Од нив речиси половина (47%) не го пријавиле случајот.

Начини на онлајн вознемирување

Со споделување нивни фотографии во одредени групи на социјалните мрежи биле вознемирувани над 29.7% од новинарките. Целта била нивна дискредитација.

Со онлајн демнење се соочиле 22% од новинарките.

Оркестрирани кампањи биле организирани против 18.7% од вознемируваните новинарки.

Кои се вознемирувачите?

Анкетата покажува дека најчесто  или 79,3% од новинарките не го познаваат вознемирувачот.

Дури 89,9% од испитаничките биле вознемирувани на социјалната мрежа Фејсбук. Во однос на Фејсбук, како проблем се појавува и непостапувањето од страна на оваа платформа при пријавување на онлајн вознемирувања.

Како се врши онлајн вознемирување?

Според содржината на онлајн вознемирувањето, доминираат следните категории:

  • говор на омраза (69%)
  • сексизам (51,7%)
  • шовинизам (43,7%).
  • закани за физичко насилство (24,1%)
  • закани по живот (19,5%)

Загрижувачки е и податокот што дури 36% од испитаничките сметаат дека се соочиле и со организирани напади. Целата детална анализа на ПИНА е објавена ТУКА.

Одговор од институциите

Иако најголем дел или 86,4% од испитаничките потврдиле дека се информирани во која институција треба да се пријави случај на онлајн вознемирување, само 25,2% се обратиле до надлежната институција.

Речиси половина (41,9%) од новинарките кои пријавиле онлајн вознемирување и напади биле многу незадоволни од соработката со институциите, а само две испитанички се изјасниле како задоволни.

Последици од онлајн вознемирување

Кај 74,3% од новинарките, доживеаното вознемирување не предизвикало промени во натамошното однесување. Дел од испитаничките ги игнорираат ваквите содржини прифаќајќи ги како дел од професијата.

Ова е проблем затоа што со прифаќањето на вознемирувањето се покажува висок степен на нормализација на онлајн вознемирувањето.

Која е целта на вознемирувањето?

Целта на вознемирувањето и нападите во дигиталниот простор е да се замолчат гласовите на нападнатите, а посредно и да се замолчат и обесхрабрат нивните истомисленици. Истото се однесува и на целни групи кои споделуваат идентитетски карактеристики со примарните жртви на вознемирувањето.

Токму затоа анализата е посветена на новинарките, кои како медиумски работнички се погодени поради својата јавна работа, но истовремено и како жени во патријархално општество.

Нормализирање на онлајн вознемирувањето

Инаку, анкетата е дел од темелната анализа за проблемот со вознемирување во дигиталниот простор што ја спроведува оваа организација. Истражувањето на вознемирувањето во дигиталниот простор во Македонија опфаќа анализа на домашни и меѓународни извештаи, правни анализи, истражувања и публикации, а спроведени се и интервјуа со релевантни чинители од областа на новинарството и од сферата на родово базираното насилство.

Анкетата и истражувањето се спроведени со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Авторка на анализата е Бојана Јовановска која податоците ги изнесе на Медиумскиот фестивал Скопје.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде