Последни написи

И Доналд Трамп најави правна битка против медиумите за „лажни вести“ и дезинформации откако го тужеше CNN за клевета

Откако адвокатите на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп поднесоа тужба против CNN за клевета, тој најави и други тужби против повеќе медиумски компании:

„Во следните седмици и месеци ние исто така ќе поднесеме тужби против поголем број на други медиумски компании за лажни вести, заради нивните лаги, клевети, и погрешно постапување, вклучително и што се однесува на „Големата лага“, која толку често ја користеа во врска со нивниот напад со дезинформации на претседателските избори во 2020 година“, пренесува The Hill.

 

На 3 октомври 2022 адвокатите на Доналд Трамп поднесoa тужба против CNN за „лажни вести“, барајќи обештетување од 475 милиони долари.

 

Во тужбата се тврди дека CNN го употребувала изразот „Големата лага“ за да го асоцира Трамп со Хитлер, и со тоа да нанесе штета на неговиот углед.  Во тужбата се обвинува CNN дека со објавување на такви клеветнички изјави поттикнувала кај гледачите и читателите омраза, презир, недоверба, потсмев, дури и страв, со што го повредила угледот на тужителот и неговата политичка кариера.

 

                   Исечок од објава на CNN, дел од тужбата на Трамп

Во тужбата на Трамп се цитираат и мислења на влијателни колумнисти, објавени на CNN, во кои Трамп се обвинува за ширење дезинформации: „Така, Трамп имаше поинаков пристап, фрлајќи канонада од дезинформации вообичаени во авторитарни држави, но без преседан во историјата на американското претседателство. Тој кажа повеќе од 30.000 документирани лаги во јавноста (30.573 беше последниот резултат на Вашингтон пост), на Твитер, на митинзи и во интервјуа. Ако се земе во просек, ќе испадне 21 лага дневно во текот на неговиот четиригодишен мандат.“

 

Исто така, во тужбата на Трамп се наведуват и уреднички коментари, во кои Трамп се разоткрива како извор на дезинформации, и се споредува со нацистичкиот пропагандист Гебелс, поради неговата изјава „Ако доволно долго го кажувате и продолжите да го кажувате, ќе почнат да ви веруваат“. Така, тужбата на Трамп се поткрепува и со коментарот: „Може само да се надеваме дека Трамп не бил свесен дека неговиот цитат е речиси реплицирање на оваа озлогласена реплика од нацистот Јозеф Гебелс: „Ако кажете доволно голема лага и продолжите да ја повторувате, луѓето на крајот ќе поверуваат во неа“.

 

Во тужбата на Трамп се тврди дека ваквите статии објавени на CNN биле злонамерно и потпалувачко известување, кое немало намера да помогне во откривањето на вистината и фактите, туку да го наруши неговиот углед.

Latest Posts

Не пропуштај