More

    Рускиот регулатор Роскомнадзор го блокираше СаундКлауд поради ширење дезинформации

    Русија го ограничи пристапот до веб-страницата на апликацијата за стримање на музика СаундКлауд поради наводно ширење на дезинформации, ја пренесува МЕТА, информацијата на Ројтерс. Руските медиуми денеска потврдија дека државниот регулатор за комуникациите Роскомнадзор ја блокирал страницата, и тоа на барање на канцеларијата на Генералното обвинителство.

    „Роскомнадзор го ограничи пристапот до услугата СаундКлауд во врска со поставување материјали што содржат лажни информации поврзани со природата на специјалната воена операција на територијата на Украина“, го пренесува Ројтерс, цитатот Роскомнадзор што го објави Интерфакс.

    Руските државни власти по почетокот на воената агресија врз Украина водат битка со светските технолошки компании за протокот на информации во земјата. Меѓу цензурирањето што беше преземено, успорен е сервисот на Твитер и целосно се забранети Фејсбук и Инстаграм во Русија.

    Радио Слободна Европа на македонски јазик пренесува дека можно е Русија да го забранува СаундКлауд поради фактот што рускиот сервис на Радио Слободна Европа го користи СаундКлауд за емитување на медиумските извештаи, заедно со подкастите на малкуте преостанати независни медиуми, критички настроените музичари и автори на подкасти.

    Извор: МЕТА

    Exit mobile version