More

    Пендаровски: Колку повеќе сме поврзани, толку повеќе ќе бидеме отпорни на енергетските предизвици

    „Јасно е дека колку сме повеќе меѓусебно поврзани, толку поотпорни ќе бидеме на енергетските предизвици од секаков вид“, истакна претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски на свеченоста при пуштањето во комерцијална работа на гасоводниот интерконектор меѓу Бугарија и Грција, што денеска се одржа во Софија, ги пренесува МЕТА пишувањата на медиумите во Бугарија.

    Пендаровски оцени дека ова е значаен настан бидејќи се случува во клучен момент кога регионот и континентот се соочуваат со изгледите за тешка зима, зголемена инфлација и голема невработеност.

    „За да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисите и домаќинствата, Северна Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас. Оттука, подготвени сме да ги направиме сите неопходни чекори во таа насока“, рече претседателот Пендаровски, и дополни дека интерконекторот отвора нова, сигурна порта за диверзифициран природен гас, не само за земјите домаќини, туку, во крајна линија, и за Југоисточна Европа.

    На официјалната церемонија присуствуваа претседателите на Азербејџан и Србија и Северна Македонија, Илхам Алиев и Александар Вучиќ и Стево пендаровски, премиерите на Грција и Романија, Киријакос Мицотакис и Николае Чука, како и македонскиот претседател Стево Пендаровски, како и и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, европскиот комесар за енергетика, Кадри Симсон.

    Сите тие ја истакнаа важноста на интерконекторот, кој, иако со мал капацитет од три милијарди кубни метри годишно, почнува да работи во еден важен момент на криза поради руските енергетски испораки и високите цени на природниот гас.

    Како што пишува бугарскиот портал „mediapool.bg“ сите гости ја истакнаа важноста на интерконекторот за диверзификација на снабдувањето со гас не само во Бугарија, туку и на Балканот и во Југоисточна Европа во време кога Русија станува сѐ понесигурен снабдувач со природен гас.

    Фон дер Лајен рече дека ЕУ го поддржала овој проект од првиот ден – политички, но и финансиски со 250 милиони евра, и истакна дека денес започна нова ера за Бугарија и Југоисточна Европа и дека ова е одлична вест во едни тешки времиња.

    „Бугарија добиваше 80 отсто од потребите за гас од Русија. Тоа беше пред Русија да одлучи да започне војна против Украина и енергетска војна против Европа. Овој гасовод ја менува играта. Тоа е промена на играта за Бугарија и за енергетската безбедност на Европа. И тоа значи слобода од зависноста од рускиот гас“, истакна Фон дер Лајен.

    Претседателката на ЕК додаде дека благодарение на ваквите проекти, Европа ќе има доволно гас за зимата.

    Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев посочи дека интерконекторот меѓу Грција и Бугарија ќе игра важна улога во безбедноста и диверзификацијата на снабдувањето со гас во Европа како дел од Јужниот гасен коридор.

    „Досега единствен извор на азербејџански гас во Европа е Каспиското море, но имаме и други наоѓалишта на гас што ќе почнат да произведуваат и ќе придонесат за зголемување на обемот“, рече Алиев, кој на свеченоста доби серија благодарници што неговата земја придонесува за стабилизирање на енергетскиот пазар во Европа.

    Претседателот на Бугарија, Румен Радев, ја истакна солидарноста на соседните земји да обезбедат пристап до нивните гасоводни мрежи по суспензијата на рускиот гас за Бугарија кон крајот на април.

    „Конечно, имаме вистински проток на гас од Азербејџан. Врската е исто така симбол на зголемување на потенцијалот на нашиот регион и за неговиот одржлив развој. Бугарија го проширува капацитетот на складиштето за гас во Чирен за да ги поддржи нашите соседи за подобра рамнотежа на нивните гасоводни мрежи“, истакна Радев и потсети на изградбата на гасоводната врска со Србија и успешното функционирање на врската со Романија која се гради неколку години.

    Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис рече дека ова не е само енергетска линија, туку врска меѓу земји кои споделуваат исти вредности, како и доказ за справување со предизвиците.

    „Ако можевме заедно да се справиме со Ковид, тогаш може да се справиме и со оваа криза. Европската солидарност ќе биде ставена над националните интереси“, рече Мицотакис.

    Проектот за гасоводниот интерконектор меѓу Грција и Бугарија (ИГБ) се состои од цевковод со должина од приближно 182 километри, од кои околу 31 километар е на грчка територија. Почнува од Комотини и завршува во Стара Загора. Гасоводот ИГБ има почетен капацитет од три милијарди кубни метри природен гас годишно, со можност да се зголеми на пет милијарди кубни метри гас годишно со изградба на станица за компресија.

    Exit mobile version