More

    Пописот откри 1.615 бракови на возраст од 15 до 19 години во земјава

    Дури 1.615 бракови на млади меѓу 15 и 19 години биле регистрирани во земјава на пописот што беше спроведен минатата година. Од вкупно 104.035 млади на возраст од 15 до 19 години, дури 1.355 девојчиња биле впишани како омажени, додека 260 момчиња од оваа возраст биле официјално стапени во брачна заедница, покажува најновиот сет на податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) којшто беше објавен денеска.

    Статистичките податоци покажуваат дека тројца млади на возраст меѓу 15 и 19 години се изјасниле како вдовци, додека 13 од младите коишто претходно стапиле во брак веќе биле разведени. Пописот од 2021 година посочува дека за дури 548 млади лица на оваа возраст е непозната брачната состојба во која се наоѓале во моментот додека бил спроведуван пописот во септември лани.

    Објавените информации во МАК СТАТ базата појаснуваат дека 371 лице меѓу 15 и 19 години живеело во вонбрачна заедница, при што бројката на жени и во овој случај е за неколку пати повисока од онаа на мажи. Имено, пописот утврдил дека во вонбрачна заедница живеат 292 девојки на возраст од 15 до 19 години, како и 79 момчиња.

    Според Пописот 2021, во вкупното резидентно население на возраст од над 15 години, според брачниот статус има 23,8 отсто неженети/немажени, 65,3 отсто мажени/женети, 7,2 отсто вдовци/вдовици и 1,6 отсто разведени. Изразено во бројки за целата земја, 996.313 се женети лица, 363.034 се неженети, 110.589 се вдовици, 25.092 се разведени лица, додека на 30.338 лица им е непознат статусот на брачната состоја.

    Во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, 98,4 отсто живеат во брачна заедница, а 1,6 отсто во вонбрачна заедница.

    Exit mobile version