Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) денеска ја промовираше публикацијата „’Францускиот предлог’: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации (медиумски анализи)“ на која говореа авторите на анализите објавени во неа д-р Катерина Колозова, д-р Сефер Тахири, Зоран Бојаровски, Жарко Трајаноски и Петрит Сарачини.
Д-р Катерина Колозова во своето обраќање го доведе во корелација говорот на омраза со ставот што за „францускиот предлог“ го зазедоа дел од граѓанските тинк-тенк организации. Со тоа беше поттикнат интензитетот на говорот на омраза и параноичното толкување на предлогот близок до теориите на заговор: „Имаше премногу читање меѓу редови, кое се граничеше со теорија на заговор и параноја, на текстот на Советот на ЕУ, нивниот сопствен текст, на којшто ние баравме нашата влада да вика НЕ. Тоа е нивен текст, сами со себе се договараат“, укажа Колозова.
Како жртва на говорот на омраза, Колозова ги пренесе нејзините искуства од притисокот што таа го трпеше, главно на социјалните мрежи, и покрај нејзиното укажување дека нејзиниот првенствен интерес е интеграцијата на Македонија во ЕУ и сите нејзини настапи и објави биле во насока на аргументација на реалните можности за остварување на оваа цел.
Анализата на д-р Сефер Тахири во оваа публикација се фокусираше на известување за дебатата за „францускиот предлог“ на медиумите на албански јазик, при што нагласи дека кај нив доминираа содржини коишто произлегуваат од уредувачка политика која го фаворизира процесот на интеграција во Европската унија, и кои на тоа гледаат како единствена алтернатива за иднината на граѓаните на Северна Македонија.
Во контекст на протестите, албанските медиуми ставија акцент на изразување на незадоволствата од францускиот предлог кој доаѓаше од македонско-центричниот наратив, кој беше и продолжува да биде анти-албански: „Во информативниот простор на албански јазик, во земјата но и во регионот, доминираа извештаи со позитивна конотација за предлогот, додека на неговите критичари им беше отстапен мал простор“, укажа Тахири.
Коментирајќи го известувањето за францускиот предлог на медиумите на албански јазик, Тахири укажа дека тие се фокусирале на изразеното „анти-албанство“ за време на протестите на опозицијата, со преовладувачки позитивен тон кон евроинтеграциите:
„Медиумите на албански јазик, политиката, но и научната мисла, по сè изгледа ја следеа филозофијата на албанските преродбеници, која вели дека „Сонцето за Албанците изгрева на Запад“. Оваа уредувачка линија се следеше и при известувањето и дебатата за „францускиот предлог“ за решавање на споровите меѓу Скопје и Софија“, поентираше д-р Сефер Тахири.
Зоран Бојаровски, автор на поглавјето „Експлозија на говор на омраза за време на јавната дебата за „’францускиот предлог’“, ерупцијата на говорот на омраза за време на дебатата за „францускиот предлог“ ја спореди со активен вулкан кој постојано тлее и еруптира:
„…во нашата земја имаме една редовна состојба на активен вулкан кога станува збор за говорот на омраза. Тој вулкан, тој говор на омраза секогаш еруптира и прави многу силни експлозии кога ќе дојдат на дневен ред во дебата теми кои наместо да го обединат и хомогенизираат општеството околу крајните интереси на нашата држава, на народите што живеат во нашата држава, тие предизвикуваат поларизација и дополнителни делби…“, истакна Бојаровски.
Бојаровски посебно го потенцираше моментот на префрлање на говорот на омраза од социјалните медиуми во институциите, што вели доведе да имаме ситуација на раб на сериозни немири: „Тој говор на омраза од социјалните медиуми каде што главно доминира и главно е активен постојано, се префрли со многу силен интензитет во институциите, во Собранието и ние бевме сведоци на исклучително силен говор на омраза во дебатата што се водеше таму, која не ги поштеди дури и гостите што ни дојдоа во тој период за да не убедат дека македонскиот јазик со ништо не е загрозен, идентитетот на македонскиот народ во Македонија со ништо не е загрозен“.
Петрит Сарачини на промоцијата ги сублимираше ставовите на медиумските организации за потребите на оваа публикација во однос на третирањето на говорот на омраза во контекст на преговорите со ЕУ и исполнувањето на Договорот за пријателство со Бугарија.
Според изнесените ставови на медиумските професионални и експертски организации, посочи Сарачини, може да се заклучи дека тие се едногласни дека говорот на омраза треба да се третира во рамки на меѓународно прифатените дефиниции, документи, конвенции и механизми што земјата се обврзала дека ќе ги почитува, но и дека во реалноста правните механизми се спроведуваат недоволно и селективно и дека надлежните органи не постапуваат во доволна мера, создавајќи култура на неказнивост.
Сарачини укажа дека медиумските организации го поставија прашањето на реципроцитетот, посочувајќи дека во јавноста државната политика на Бугарија и изјавите на многу тамошни политичари кои го негираат македонскиот идентитет и јазик се доживуваат како говор на омраза.
Петрит Сарачини уште додаде дека медиумските организации и стручњаци сметаат дека во целиот процес треба особено да се внимава за да не се предизвика ефект на заладување и да не се дозволи една општа формулација за говорот на омраза да влијае врз слободата на говорот и мислата, односно да не се предизвика цензура.
Сарачини укажа и дека за надминување на проблемот е многу важна соработката на експертските организации, медиумите, граѓанскиот сектор и академската фела:
„Тука е улогата на јавноста и на сите организации кои што се експертски, кои треба да влијаат, да учествуваат во тие механизми. Особено е важно да се поттикне соработката помеѓу медиумите во двете држави, помеѓу граѓанскиот сектор во двете држави, помеѓу академската сфера за целата оваа тема да добие малку поконструктивен пристап, затоа што тоа што се случува сега е конфронтација и поларизација внатре во двете во двете држави и како двете држави реагираат интерактивно една со друга. Соработката меѓу институциите, медиумите и граѓанскиот сектор внатре во двете држави, но и меѓу нив доколку се оствари како што треба, може да биде клучна во справување со штетите од говорот на омраза и од дезинфоремациите. Без таа соработка борбата со оваа деструктивна појава ќе оди многу потешко. Тоа ќе има многу негативно влијание и на напорите за добросоедски односи, но и на европските перскептиви на земјата“, истакна Сарачини.
Жарко Трајаноски, кој во публикацијата е застапен со анализата насловена „Дезинформации, медиумски манипулации и теории на заговор за ‘францускиот предлог’“, ги издвои главните дезинформаторски наративи на кои се градеше говорот на омраза и кои вршеа влијание на дополнителното поларизирање на општествената дебата.
Трајаноски како наративи кои беа злоупотребени за дезинформации ги издвои исчезнувањето на македонскиот јазик, дека „францускиот предлог“ го ништи македонскиот идентитет, наводното разнебитување на македонската нација, непоткрепените бвинувања за геноцид на Македонците, итн.: „Дури имаше и непоткрепени обвинувања за геноцид, преку потпишување на меѓународни договори, што е нонсенс. Меѓутоа, беа пласирани од претседателот на МАНУ, што се смета за највисока научна институција“, рече Трајаноски. Тој укажа дека никој не му постави во медиумите прашање на претседателот на МАНУ како може со меѓународни договори да се изврши геноцид: „Никому не му е јасно, меѓутоа, имавме и такви обвинувања, без никакви докази“, изјави Трајаноски.
Овие дезинформаторски наративи, потенцираше Трајаноски, за време на дебатата ги подгреваа националистички страсти, поттикнуваа недоверба кон институциите и омраза, нетрпеливост и нови поделби во општеството.
Промоцијата на публикацијата „’Францускиот предлог’: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации (медиумски анализи)“ се заокружи со дискусија на повеќе теми поттикната од прашања и коментари од публиката. Имаше и конкретни препораки на кои теми во идниот период треба да им се посвети внимание, и кои мерки треба да се преземат, за успешно справување со говорот на омраза и дезинформациите.