Последни написи

Експерти за Дојче Веле: Зимава се очекува дополнително зголемување на руските кампањи за дезинформации

Русија, според проценките на претседателот на Контролниот гремиум на Бундестагот, може со помош на  кампањи за дезинформации  оваа зима да се обиде да подгрее социјални тензии во Германија, ги пренесува Дојче Веле изјавите на високи функционери и експертите во Германија.

„Ситуацијата е сериозна”, вели за ДВ Константин фон Ноц, пратеник од редовите на Зелените: „Изминатите недели покажаа дека Германија е подложна на руско влијание”, оценува тој.

Моментот во кој го издава предупредувањето не е случајност: луѓето во земјата сѐ повеќе ги чувствуваат последиците од растечките цени на енергенсите, откако Москва како одмазда за западните санкции ги стопираше испораките на гас.

Имено, како реакција на нападот врз Украина, ЕУ воведе далекусежни казнени мерки против Русија. До сега мнозинството Германци ги поддржуваат таквите санкции, но безбедносните служби страхуваат дека Русија претстојната зима ќе се обиде да сее страв од недостиг од гас и прехранбени производи за да поттикне отпор спрема санкциите.

„Нашите безбедносни структури одамна забележуваат дека проруски настроени лица спроведуваат кампањи на социјалните мрежи како Телеграм, со цел да ги затрујат јавните дебати и да го поделат нашето општество”, вели фон Ноц. „Живееме во време кога треба да бидеме особено внимателни – тоа го покажува историјата и фалсификуваното видео со Бербок.”

Случката на која алудира го доловува она што може да ја снајде Германија: кон крајот на август,  министерката за надворешни работи Аналена Бербок за време на дебата во Прага вети поддршка за нападнатата Украина, „без разлика на ставот на германските гласачи”.

Забелешката беше дел од опширен одговор во кој Бербок на пример рече и дека нејзината влада ќе им помага на луѓето во Германија да се справат со растечките животни трошоци. Но, за само неколку часа снимката со таа изолирана реченица почна да циркулира на проруски профили на Телеграм, вели анализа на Центарот за ситуации со дезинформации, во кој членуваат повеќе невладини организации. Често пати видеата се дополнувани со фрагменти или погрешни написи, со што гледачите се доведуваат во заблуда околу вистинската изјава на Бербок. Клиповите се ширеа вирално. Потоа се појавија и на други платформи како Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутуб, каде ги споделуваа пред сѐ функционери на АфД и на Левица, како и десноекстремистички профили. Па така видеата допреа до одредена публика во Германија – и само еден ден по настапот во Прага, на Твитер се појави хаштаг со тенденција на тренд, во кој се бара оставка на Бербок.

Обиди од Москва да се влијае на јавното мнение во Германија  не се нов феномен. Од Студената војна земјата важи за една од главните цели на советски, односно  руски информациски операции.

Во изминатите десет години социјалните медиуми станаа едно од главните збиднувалишта. Меѓу 2015 и 2021 истражувачите идентификувале повеќе од 700 руски кампањи за дезинформации кои имале за цел да ги засилат постоечките поделби во германското општество, или да создадат нови.

Тие кампањи се однесувале на десетици различни теми, од доселувањето до човековите права. Смирнова вели дека тоа се променило откако во февруари годинава руските тенкови ја нападнаа Украина. Од тогаш напорите за ширење дезинформации се исклучиво насочени кон војната.

Проруски активисти „уште на почетокот од војната го нафрлија прашањето за недостиг од енергенси во Европа и тоа го претставија како последица на западните санкции и генерално како последица на солидарноста на западот со Украина.”

„Руската пропаганда го шири наративот дека Германците мора да се смрзнуваат заради Украина,” вели Смирнова и додава дека „сега кога зимата ни чука на врата, таквиот наратив има најголем потенцијал да допре до луѓето кои имаат легитимни стравови и грижи.”

Истражувањaта на други организации ја потврдуваат оваа оценка. Социологот Пиа Ламберти од Берлинскиот истражувачки Институт ЦеМас вели дека зимава очекува дополнително зголемување на руските кампањи за дезинформации.

Сторијата на Дојче Веле во целост можете да ја прочитате тука.

Latest Posts

Не пропуштај