More

    Владата ги уверува граѓаните дека ќе има парно греење, БЕГ ја игнорира Регулаторна

    Последиците на една од најтешките енергетски кризи со кои се соочува светот не ја одминуваат нашата држава. Редовното снабдување со електрична енергија и гас, како што нагласуваат од македонскиот државен врв, се прв приоритетите на политичкиот и економскиот естаблишмент во месеците кои следат, објави Цивилмедиа.

    Додека граѓаните се загрижени дали оваа зима ќе имаат топли домови и работни места, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не дава никакви предлози за надминување на кризата, туку обвинува, а одредени бизнис кругови, но и медиуми, се обидуваат да ќарат поени од наметнатата неизвесност и подгреваат незадоволство.

    Владата и премиерот Ковачевски, пак, смируваат и уверуваат дека имаат јасен план за справување со енергетската криза.

    Во Скопје според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, на парно се греат околу 60 илјади семејства, па оттука снабдувањето со таква топлотна енергија на скопјани мора да се регулира пред доаѓањето на зимата.

    БЕГ велат немале обврска да продолжат со вршење на дејноста во новата грејна сезона, РКЕ смета дека имаат обврска да продолжат дури не се најде нов дистрибутер.

    Балкан Енерџи Груп БЕГ – Производство, велат дека немаат обврска да продолжаат со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија и дека немаат правен основ да располагаат со топланите. Од компанијата наведуваат дека согласно со член 51 од Законот за енергетика имале законска обврска да продолжат да ја извршуваат дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен.

    Од друга страна и Владата и Регулаторната комисија посочуваaт дека Законот за енергетика е многу јасен – сè додека друга компанија не добие лиценца, БЕГ мора да продолжи да ја извршува дејноста и на граѓаните да им обезбеди греење.

    Регулаторната комисија за енергетика нагласува – Обврската за испорака на парно е до издавање лиценца на нов вршител на дејноста.

    Обврската за вршење јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца, во случајов нов вршител на дејноста, велат од Регулаторната комисија за енергетика. Од РКЕ истакнуваат дека вршењето на јавната дејност производство на топлинска енергија од регулиран производител е прецизно дефинирана во Законот за енергетика каде основниот императив на вршителот на јавна дејност е да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно производство на топлинска енергија.

    „Ве информираме дека Законот за енергетика, кој доби и зелено светло од  Енергетска заедница во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека се до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување на јавна дејност. Обврската за вршење на јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца (во случајов нов вршител на јавна дејност)“, наведуваат од Регулаторната комисија за енергетика.

    Во соопштение за медиумите и јавноста Владата уверува дека Граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно.

    Граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно, и согласно Законот за енергетика загарантирана е јавната дејност да се врши во целост без прекин, нагласуваат од Владата и иистакнуваат дека континуирано презема мерки за да обезбеди сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје.

    Се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат истите, јавноста ќе биде навремено известена, се вели во соопштението на Владата.

    Оттаму соопштуваат дека Владата заедно со ресорните институции постојано работи на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени се со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. Конкретно, се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното.

    И Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смирува и уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни, топлинска енергија ќе има.

    ЕСМ и „Адора“ влегуваат во преговори кои мора да се согласно сите законски прописи и процедури. Се што е возможно ќе се направи. Ние велиме дека топлинска енергија за граѓаните секако ќе има и тие треба да бидат спокојни. Да, обезбеден е и гас. Кој е изворот е најмалку важно, важно е да има гас, рече Битиќи.

    Дојдено е време да читаат и да толкуваат треба тие што тоа го знаат. Граѓаните само треба малку повеќе да веруваат. Како што во јануари обезбедивме топлинска енергија кога бевме оставени на цедило, така и сега топлинска енергија за граѓаните на Скопје ќе има. Независно дали е ЕСМ или БЕГ, граѓаните ќе добијат топлинска енергија. Бидејќи од однесување на прватниот партнер не сум задоовлен, би сакал тоа ЕСМ да го направи, истакна вицепремиерот и уште еднаш порача дека од закон никој не може да се огради, вели Битиќи.

    Според најавите, откако ќе биде извршена евалуацијата на пристигнатите понуди Комисијата ќе достави предлог до Владата, што ќе биде разгледан на една од наредните седници. Со јавниот повик треба да се избере компанија која ќе го преземе работењето на Балкан Енерџи Груп (БЕГ), откако на крајот на јуни и беа одземени лиценците за работа поради финансиска неликвидност од високата цена на природниот гас.

    Компанијата „Адора Инженеринг“  во септември лани на јавна лицитација за 9,26 милиони евра ги купи топланите „Исток“ и „Запад“, коишто претставуваат основни средства за регулираното производство на топлинска енергија во градот Скопје, а кои беа во стечајна постапка. Компанијата тврди дека закупот на  топланите без јасна интенција за купопродажба ќе им претставува дополнителни 550 илјади евра загуби на годишно ниво. Инсистирањето на еден од чинителите за промена на сопственоста, според вицепремиерот Фатмит Битиќи, е легитимна, но ќе биде според законите.

    Закупот е легитимна алатка преку која ќе се искористат топланите Исток и Запад и ќе се испорача топлинска енергија, а во меѓувреме има доволно временски период да се запазат сите законски процедурии ако треба да се заокружи откупот на сопственоста, изјави Битиќи.

    Грејната сезона стартува на 15 октомври, но ако температурата падне под 12 степени, може да почне и на 1-ви октомври.

    Премиерот Ковачевски уверува – Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза.

    „Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза, а тоа е ставање во функција на сите производствени капацитети. Веќе се работи на оспособување на блок три во РЕК Битола, потоа во функција е ставен ТЕЦ Осломеј кој долги години не работеше и ставен е во функција ТЕЦ Неготино.  Поточно, утрово е ставен првиот котел во функција во ТЕЦ Неготино и тој веќе произведува електрична енергија со моќност од 60 мегавати до крајот на денот треба да биде и до 80 мегавати, а веќе тимови на експерти во кои се вклучени и универзитетски професори работат на пуштање на вториот котел на ТЕЦ Неготино“, истакна премиерот Ковачевски.“

    Во рамките на Самитот на ОН и на билатералните средби, клучни дискусии беа во однос на снабдувањето со енергија и во однос на снабдувањето со храна, вели Ковачевски. Тој нагласи дека интензивно се разговара и со соседните и земјите од регионот за успешно справување со кризата.

    „Ние водиме разговори со Србија, со Бугарија исто така, но таму е малку посложена ситуацијата бидејќи Бугарија во моментов нема парламент, а нивното законодавство е прилично лимитирано во однос на продавање на вишоци на електрична енергија со директни договори. Разговараме со Турција и сметам дека сме на добар пат да обезбедиме базна енергија,  а со Србија го очекуваме одговорот бидејќи таму се работи за гас којшто потоа би бил користен во когенеративната централа. Се работи секојдневно, постојано. Нашиот Вицепремиер за економски прашања е во Брисел, со оглед на тоа што имаме отпочнато процес на преговори и детален скрининг меѓутоа и тие состаноци таму се користат за адресирање на прашања во однос на енергетиката“, рече Ковачевски.

    За финансирањето на сето ова, Ковачевски рече дека веќе е обезбедена финансиска конструкција со билатерални кредитори, а во скоро време очекува да завршат и преговорите со Меѓународниот монетарен фонд – ММФ, но оти се разговара и со некои финансиски побогати држави од Блискиот Исток.

    Премиерот Ковачевски апелираше дека во услови на светска енергетска криза, нема политика и собирање на дневно политички поени, тоа се потврди и во минатото.

    „Апелирам до пратениците на опозицијата што побрзо и без никакви уцени и под маса преговори кои што дел од нивното раководство сакаат да ги прават да се одобри кредитот од ЕБОР за ликвидни финансиски средства за ЕСМ со којшто треба да се набави електрична енергија за регулираниот пазар“, додаде Ковачевски.

    Своја улога и одговорност во известувањето околу начинот на справувањето со енергетската криза, медиумите различно ја манифестираат. Додека повеќето известуваат за фактичката состојба, некои одбираат да подгреваат атмосфера со половично пренесени изјави и наслови со прашалници за „ладни радијатори“, со што шират паника кај граѓаните.

    ВМРО-ДПМНЕ не дава никакви предлози за надминување на кризата, туку обвинува. На седницата на Собраниската комисија за одбрана и безбеднос пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, обвинија за „неспособност” при менаџирањето со кризните состојби во државата. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи во своето обраќање, игнорирајќи ги напорите на Владата, рече дека власта, според неа, „не знае да се справи со проблемите произлезени од кризата”.

    Комисијата досега пет дена расправаше за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

    Извор: Цивилмедиа

    Exit mobile version