More

    Платформа за родова еднаквост: Пристапот до услуги за репродуктивно здравје мора да биде гарантиран, дури и во услови на криза

    Родово праведно општество во кое абортусот ќе биде безбеден, легален и пристапен за сите жени, без стигма и дискриминација е барањето што денеска, на 28 септември – Меѓународниот ден на безбедниот абортус, го упатуваат илјадници поборници за репродуктивна слобода до своите влади во светот, ја пренесува Цивилмедиа пораката на Платформата за родова еднаквост.

    По тој повод, Платформата за родова еднаквост нагласува дека пристапот до услуги за репродуктивно здравје мора да биде гарантиран, дури и во услови на криза. Ова е особено важно ако се земат предвид економската и воената криза кои директно влијаат на финансиската и социјалната стабилност, а со тоа и на добросостојбата на луѓето низ светот, па и во земјава.

    – Иако постојниот закон за прекинување на бременоста во Македонија е полиберален од претходниот, тој сепак не предвидува покривање на трошоците доколку оваа здравствена услуга се бара поради социјални или материјални причини. Третирајќи го абортусот како есенцијална здравствена услуга само кога постои медицинска причина, Фондот за здравствено осигурување и останатите надлежни институции ги доведуваат во безизлезна ситуација жените кои не сакаат да ја продолжат бременоста и кои се во социјален ризик или живеат во сиромаштија, се наведува во соопштението од Платформата за родова еднаквост која обединува околу 30-тина невладини организации.

    За неполна година, цените за абортус во приватните болници во земјава, се додава, двојно се зголемија и сега оваа услуга чини 350-400 евра. Дополнително, медикаментозниот абортус (абортус со лекови), кој е побезбедна и поевтина опција од хируршкиот метод, е достапен само на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, но не постојано поради дисконтинуитет во испораката на потребните лекови. Жените од другите градови, пак, ја немаат оваа алтернатива не само поради недостапните лекови, туку и поради недоволно обучениот кадар во локалните државни болници. 

    -Оттука, Платформата за родова еднаквост апелира надлежните институции во земјава да ја препознаат потребата на сиромашните и маргинализираните жени за абортус и да овозможат финансиски достапни цени за оваа есенцијална здравствена услуга, особено во време на криза. Во спротивно, државата директно (ќе) ги турка жените во уште поголема сиромаштија и во социјална небезбедност, а не е исклучено и дека ќе ги присили да побараат поевтини нелегални опции за абортус, со што директно би биле загрозени нивното здравје и добросостојбата на нивните најблиски, стои во соопштението. 

    Извор: Цивилмедиа

    Exit mobile version