Институтот за медиуми и аналитика денеска објави реакција во однос на говорот на омраза на вчерашниот натпревар меѓу Северна Македонија и Бугарија и прашува: Ќе има ли осуди и казни за расистичкиот, сексистичкиот и ксенофобичниот говор на омраза на фудбалскиот натпревар во Скопје?
Реакцијата на ИМА ја пренесуваме во целост:
Институтот за медиуми и аналитика ИМА го осудува расистичкиот, сексистичкиот и ксенофобичниот говор на омраза пред и за време на одржување на фудбалскиот натпревар во Скопје помеѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија.
ИМА ги повикува надлежните институции да преземат казнени мерки, но и други мерки со кои ќе се спречи повторување на говорот на омраза.
ИМА ги повикува политичарите и медиумите јавно да го осудат расистичкиот, сексистичкиот и ксенофобичниот говор на омраза на фудбалскиот натпревар во Скопје.
На 26.09.2022 во Скопје, повеќе медиуми известија дека со свирежи била испратена бугарската химна пред почетокот на натпреварот, и дека имало „непријатни скандирања“. За споредба, по првиот натпревар во Разград пред неколку месеци, спортски новинари нотираа: „Натпреварот помина во мирна атмосфера, а за одбележување е гестот на домашната публика која со аплауз го поздрави интонирањето на македонската химна.“
Дел од медиумите ги врамија скандирањата со расистички, сексистички и ксенофобични пораки во насловите („Бугари-татари“, „бугарски пи*ки“ и „цигани“ ечи на стадионот „Тодор Проески“ Локално / Бугарите на цел глас критикуваат: Во Скопје скандираат „Татари, Татари.. и „бугарски пи*** Спорт Клуб).
Ваквите расистички, сексистички и ксенофобични пораки беа јавно осудени од неколку бугарски политичари, чии реакции беа пренесени во бугарските медиуми, и предизвикаа нов бран на говор на омраза врз етничка основа на социјалните мрежи.
Потсетуваме, согласно Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, под насилство и недостојно однесување на спортските натпревари се смета (Член 3) и „внесување и истакнување на транспаренти, знамиња и други предмети со текст, слика, знак или други обележја, како и пеење на песни или дофрлување на пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини“. Исто така, „организаторот на спортскиот натпревар е должен да обезбеди доволен број редари заради „оневозможување на внесување на транспаренти и обележја со кои се поттикнува расна, национална, верска или друга нетрпеливост“ и „предупредување, односно оддалечување на гледачите кои можат со пеење на песни или дофрлување на навредливи пораки да предизвикаат и поттикнат омраза врз основа на расна, национална и верска припадност“ (чл. 7). Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари предвидува глоби и прекршочна санкција забрана за влез и присуство на спортски натпревари.
Врз основа на повеќе извештаи на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата во спортот се предупредува дека „постојат силни врски меѓу насилните групи на фудбалските навивачи и екстремно десничарските организации, кои, пак, имаат врски со националистичките политичари и организираниот криминал“. Резолуцијата на Европскиот Парламент инсистира на „пристапот на нулта толеранција“ кон расизмот, говорот на омраза и насилството во спортот, и ја повикува Комисијата, земјите-членки и земјите кандидати да донесат ефективни мерки со цел да се промовира инклузијата, да се борат против дискриминацијата и да се елиминира расистичкото и ксенофобичното однесување на спортските терени и на трибините.
Говорот на омраза е споменат и во Протоколот на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија:
„Државите ја потврдуваат обврската за преземање на мерки против секој вид на говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.
Државите ќе создадат, без одложување, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање на брзи и ефективни мерки при идентификување на такви случаи.
Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.“ (видете повеќе во
За жал, во изминатиов период бевме сведоци и на неказнување и на неспречување на екстремен говор на омраза на спортски натпревари дури и кога имаше најави дека истиот може пак да се случи (видете Дали заслужи поклон од фудбалерите навивањето сo екстремен говор на омраза на натпреварот Шкупи – Динамо?, Коалицирање на фановите на омразата: Говор на омраза со повици за убиство врз етничка основа).
Говорот на омраза пред, за време, и по одржување на спортските натпревари причинува повеќекратни штети, и затоа ИМА ги повикува надлежните институции и спортските федерации да ги преземат сите неопходни мерки за спречување и казнување на ваквиот говор на омраза.
Извор: ИМА