За еден месец Основниот суд во Кавадарци подготвил и обвиненителен акт и донел пресуда за загрозување на сигурноста преку социјални мрежи. Овој случај, вака експресно решен, го поставува прашањето: Дали обвинителството и судовите се исто толку ефикасни кога има пријави за говор на омраза и загрозување на сигурноста на активисти и припадници на маргинализирани групи?
Eкспресната осуда со казна затвор за загрозување на сигурноста преку фејсбук кон актуелниот градоначалник на Кавадарци предизвика повеќе реакции кај граѓанските активисти.
Давид Тасевски, извршен директот на Субверзивен фронт, изјави дека фантастично би било кога ние би имале вака експресно функционални институции кои би постапувале на овој начин, но, за сите граѓани: „Меѓутоа, нашата пракса покажува дека Субверзивен фронт има поднесено околу 80 пријави до МВР и Основните јавни обвинителства на територија на државата за директни закани по живот, со детален опис во кои се зборува за куршуми, ножеви, закани за силувања, закана за чистење на цели групи кои делат иста карактеристика, закани кон жени политичарки, и тоа, од исти личности кои упорно се закануваат и поттикнуваат насилство во онлајн просторот. За нашите случаи, кога мета се ЛГБТИ+ луѓе, активисти за човекови права и жени политичарки, институциите не реагираат и сметаат дека не постои реална закана, иако имавме повеќе случаи на насилство во изминатиов период каде мета беа активисти“, изјави Тасевски.
И други активисти споделија загриженост дека имаат поднесено пријави за загрозување на сигурноста кои не биле разгледани ниту процесуирани од страна на ОЈО. Повеќе коментари на социјалните мрежи укажуваат дека „нема еднаков третман и правда за сите“, дека „се штитат само привилегираните“, дека институциите „не мрдаат со прст за обичен граѓанин, а за политичар веднаш се наоѓа виновникот“, дека државата е „за политичарите мајка, а за обичните граѓани многу лоша маќеа“, итн.
Праксата покажува дека кога се загрозени политичарите, органите реагираат експресно, а кога се загрозени новинари, активисти, интелектуалци, кој било што нема функција – се реагира далеку побавно и послабо, или воопшто нема реакција.
Инаку, во соопштение Основен суд Кавадарци на 22.09.2022 информираше дека за Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 од КЗ, судот донел пресуда со која обвинетиот го огласил за виновен и му изрекол казна затвор во траење од 8 месеци:
„Основен суд Кавадарци известува дека денес, 22.09.2022 година по одржаната главна јавна и усна расправа по Кривичниот предмет К.бр.191/22 спрема обвинетиот З.Б. од Кавадарци за кривично дело Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 од КЗ, судот донесе пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и му изрече казна затвор во траење од 8 месеци.“
Претходно, на 22 август 2022, ОЈО Кавадарци издаде соопштение „Еден осомничен за загрозување на сигурноста на градоначалникот на Кавадарци“:
„Основното јавно обвинителство Кавадарци оформи предмет и поведе постапка против едно лице за кривично дело – Загрозување на сигурноста според член 144 став 4 од Кривичниoт законик.
Лицето, преку коментар на социјалната мрежа Фејсбук, упатил закана кон актуелниот градоначалник на Кавадарци дека „нема да умре од болест или старост“.
Осомниченото лице претходно е осудувано за повеќе кривични дела за закани кон градоначалникот и неговото семејство. По предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка му определи мерка куќен притвор во траење од 8 дена на осомничениот.“