Последни написи

Младите сакаат изборен модел кој ќе ги мотивира да излезат на гласање

Младите сакаат изборен модел кој ќе ги рефлектира нивните потреби и интереси и ќе ги мотивира да излезат на гласање, како и да гласаат за кандидат чиј успех ќе се мери според сработеното. Ова се ставовите на учесниците на дебатата  „Каков изборен модел ни треба за посилна демократија?“ што се одржа во Собранието на Република Северна Македонија.

На дебатата во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Клубот за младински прашања учествуваа повеќе од 35 млади алумнисти од НДИ, ИРИ, ИФЕС, Младински европски амбасадори, како и младински активисти на Евроатлантскиот совет, Младинскиот сојуз, Сојузот на средношколци и ИДУЕП како и младите пратеници Моника Зајкова од ЛДП и Јован Јаулески и Бојан Стојаноски од ВМРО ДПМНЕ.

Иницијаторот на дебатната активност, Бојан Никовски, смета дека младите луѓе треба да бидат слушнати, но и вклучени во носењето на одлуки за вакви важни теми, јавува МЕТА.

„Дали ќе имаме партизирани институции или, пак, дали ќе имаме функционални или нефункционални влади. Младите луѓе се идни, меѓутоа и сегашни креатори на политики и мора да бидеме вклучени во овие процеси“, истакна Никовски и најави дека е предвидено организирање на серија на настани на оваа тема со кои ќе се даде простор на младите луѓе слободно да го искажуваат својот личен став и уверување.

Комуникологот и претседател на ИДУЕП, Бојан Кордалов нагласи дека главна цел на ваквите иницијативи е на инклузивен начин и преку демократска комуникација да се разговара за важни општествени теми, предизвици, но пред сѐ решенија креирани низ перспективата на младите.

„За жал, многу релевантни истражувања покажуваат дека над 2/3 од младите не сакаат и не се вклучени во никаква политичка активност. Лично сметам дека е тоа така бидејќи не им дава доволно простор. Ваквите дебати се еден чекор кон тоа да се промени и сум благодарен на Клубот на млади пратеници за нивната отвореност за соработка со Институтот, но првенствено за желбата да отстапат простор и ги вклучат младите луѓе во процесите на носење на одлуки“, забележа Кордалов.

Иницијативата е дел од напорите на ИДУЕП да ја истакне потребата од јавна аргументирана дебата за важни општествени теми во која главниот збор ќе го имаат младите како сегашни и идни креатори на политики, а е прва од серијата настани што ќе се организираат заедно со собранискиот Клуб за младински прашања и политики.

Latest Posts

Не пропуштај