Последни написи

Трајаноски (ИМА): Како „исчезна“ македонскиот јазик уште пред да се појави официјалниот документ „француски предлог“

Уште пред официјалното објавување на преговарачката рамка со ЕУ, се појавија сензационалистички наслови и тенденциозни толкувања кои креваа социјална паника дека во првично објавената верзија од „францускиот предлог“ имало преименување на македонскиот јазик, заклучува аналитичарот Жарко Трајаноски во дел од својата анализа којашто цо целост наскоро ќе ја објави Институтот за медиуми и аналитика.

Трајаноски истакнува дезинформациите ги објавија повеќе портали на македонски јазик со наводи дека во „францускиот предлог“ македонскиот јазик станал „македонски јазик број 2“ / „македонски јазик 2“, или дека „доби ознака 2“. Погрешните заклучоци беа изведени од симболот за фуснота по изразот „македонски јазик“.

И дезинформацијата на еден академик дека „имало само една фуснота дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот“ беше проширена во медиумите. Уследи демант од страна на премиерот дека се појавиле многу лаги и шпекулации врзани со францускиот предлог, и дека „Нема никакви фусноти и дополнувања, тоа се лаги“, потсетува Трајаноски.

Беше раширена и дезинформација дека „Македонскиот јазик го нема во предлогот“ (во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ) која беше разоткриена од Вистиномер,  но и покрај тоа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дезинформираше дека прифаќањето на ваквиот предлог подразбира „дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот“, а и партијата Левица јавно се спротиставуваше со ставот „Mакедонскиот јазик не е дијалект и фуснота“. Меѓутоа, како што истакна и Вистиномер, „нема спомнување на фусноти и дијалекти во самиот француски предлог, како што се сака да се наметне во статусот на Левица“.

Исто така, и тврдењето на Левица дека „само за нас јазикот ќе биде македонски“ нема никаква основа во преговарачката рамка, се наведува во анализата на Трајаноски .

Дезинформациите продолжија, укажува Трајаноски, и откако францускиот претседател Макрон укажа дека „Овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик, кој е составен дел на вашиот идентитет“.  И покрај тоа, протестите и блокадите против „францускиот предлог“ беа оправдувани со фразата „одбрана на македонскиот јазик, народ и држава“.

СДСМ на 11.07.2022 објави видео од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на српска телевизија, каде што погрешно тврди дека македонскиот јазик бил кодификуван во „далечната 1977 година“, што беше оценето како срамно тврдење.

Трајаноски потсетува дека дезинформации и медиумски манипулации за македонскиот јазик содржеше и „манифестот на македонските учители“, во кој има незасновани тврдења дека „Македонскиот јазик, според овој предлог, ќе биде историски непостоечки за ЕУ“ и дека „Францускиот предлог… македонскиот народ и македонскиот јазик ќе ги сведе на еднострана изјава која нема важност пред институциите на ЕУ.“

И за време на собраниската расправа беа забележливи неосновани обвинувања за македонскиот јазик:  „…овие за грст пари се подготвени да кажат дека македонскиот јазик е бугарски дијалект…“, обвини една пратеничка од опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение истакна дека „нема да прифати договор кој ќе значи негирање на македонскиот јазик, идентитет и посебност“.

Политичките манипулации и дезинформации за македонскиот јазик продолжија и по објавувањето на едностраните изјави, заклучува Трајаноски, и пишува дека повеќе цел на пропагандни напади беше едностраната изјава од страна на македонската влада со погрешни толкувања дека во неа имало откажување од дијалектите, отколку едностраната изјава од страна на бугарската влада во која експлицитно не се признава македонскиот јазик. Професор Људмил Спасов укажа дека Нема откажување од дијалектите, туку дефинирање на стандардизираниот македонски јазик, а потоа беше мета на оцрнувачки пропагандни напади.

Се ширеа дезинформации, констатира Трајаноски, дури и дека актуелната власт го преименувала македонскиот јазик во „мајчин јазик“. Сервисот за проверка на факти уште во 2019 објасни дека називот „наставник по мајчин јазик“ е официјализиран за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, но на порталите и на социјалните мрежи се креваше паника дека актуелната власт го преименувала македонскиот јазик во „мајчин јазик“.

Дезинформаторските наративи подгреваа националистички страсти и се обидуваа да кренат социјална паника во врска со загрозеноста на македонскиот јазик. Тие поттикнуваа недоверба кон владата и нејзините министри и омраза и нетрпеливост кон нив, кон ЕУ и Бугарија, како и поларизација и нови поделби во општеството, заклучува Трајаноски во анализата „Дезинформации, медиумски манипулации и теории на заговор за ‘францускиот предлог’“, која што ќе биде објавена како дел од публикацијата  „’Францускиот предлог’: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации (медиумски анализи)“ на Институтот за медиуми и аналитика.

 

Latest Posts

Не пропуштај