Последни написи

Трајаноски (ИМА): Дезинформации и теории на заговори во наративите против „францускиот предлог“

Во текстот „Наративи против ‘францускиот предлог’: дезинформации и теории на заговори за државата и нејзината иднина“ што денеска го објави Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), кој претставува дел од анализата под наслов „Дезинформации, медиумски манипулации и теории на заговор за ‘францускиот предлог’“, која наскоро ќе биде објавена во целост, авторот Жарко Трајаноски се осврнува на наративите на дел од политичките партии и нивните поистакнати лидери во кои доминираа дезинформации, медиумски манипулации и теории на заговор за државата и нејзината иднина, во врска со одлуката на Собранието да го прифати предллогот на Владата за почеток на преговорите со ЕУ.

Лидерот на најголемата опозициска партија Мицкоски, истакнува Трајаноски, го отфрли „изменетиот францускиот предлог“ опишувајќи го како пораз и „капитулација без одлагање“. Мицкоски манипулираше дека „францускиот предлог не нуди почеток на македонската евроинтеграција“ и дезинформираше дека ги содржел „сите бугарски барања“.

Анализата потсетува дека и неговиот заменик Николоски бараше „Владата итно да го отфрли предлогот од Париз со кој се прави бугаризација и уништување на Македонија“, а една пратеничка ги обвини „велепредавниците од власта“ дека со францускиот предлог „ќе ја погребат Македонија“.

Дискурсот за „разнебитување“ го промовираа и други видни политичари на ВМРО-ДПМНЕ, и се посочуваат активностите на ветераните на ВМРО-ДПМНЕ кои го нарекуваат „францускиот предлог“ го нарекоа предлог за разнебитување на Државата“, откако поранешниот претседател Иванов споменуваше „подли игри за разнебитување на Македонија“ и обвини за „национално предавство“.

Еден поранешен амбасадор во Бугарија, и кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека „Францускиот предлог нè фрла во амбис“, а дискурсот за разнебитување на Македонија со „францускиот предлог“ беше забележлив и на протестите каде што се истакнуваа паролите „’Не’ за разнебитување на Македонија“, „’Не’ за заборав на македонскиот народ“, итн.

Трајаноски укажува дека националистичкиот дискурс за „разнебитување на нашата државност“ во контекст на преговарачки процес со ЕУ беше подгреван и од други партии, како на пример Левица, како и од невладини организации и академици.

Во контекст на преговорите со ЕУ, дискурсот за „разнебитување“ беше претходно најавен и во проглас потпишан од повеќе интелектуалци, кои предупредуваа дека цената за добивање на датум за преговори со ЕУ не смее да биде „разнебитување на историски заокружениот легитимен процес на конституирање на македонската нација и нејзиното размакедончување“, се констатира во овој дел од анализата „Дезинформации, медиумски манипулации и теории на заговор за ‘францускиот предлог’“, на Жарко Трајаноски, која наскоро ќе биде објавена во целост

Извор: ИМА

Latest Posts

Не пропуштај