Последни написи

Маричиќ: Истокот не е страната која може да ни обезбеди реформи, слободи, права и европски фондови

Истокот не е страната која може да ни обезбеди реформи, слободи, права, европски фондови и просперитет, истакнува вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за порталот Локално, во однос на тоа дали земјава може да се „сврти кон Истокот“ и на трошењето на финансиски средства од страна на Русија за влијание на македонската политика, за што обвини министерот за надворешни работи Османи.

Маричиќ истакнува дека нашата земја е демократска и европска не затоа што оваа Влада така одлучила туку затоа што од памтивек сме биле на таа страна географски, политички, вредносно и геостратешки.

„Ние од секогаш сме биле поддржани од Западот, и во време на нашите ослободувања од окупации, и во време на создавањето на нашата држава и денес. Тој пат денес за нас значи сериозни стандарди, сериозно почитување на човековите слободи, гарантирани права за секоја индивидуа и за секоја заедница, прецизни задачи, одговорности и рокови за секоја институција со цел подобрување на услугите кон граѓаните, огромни европски фондови за инфраструктурни и системски инвестиции во земјава и меѓународно почитување на нашите посебности, и како македонски народ и како држава Северна Македонија со сите свои карактеристики и различности во себе“, вели Маричиќ.

Тој нагласува дека токму затоа нашиот народ отсекогаш е на европскиот пат и дека не постои друга опција.

„За нашата земја не постои ниту една друга опција која истото може да ни го обезбеди ни од далеку. Ние никогаш не сме ја раскинале соработката со Истокот, но тоа не е страна која може да ни обезбеди реформи, слободи, права, економски просперитет и европски фондови, особено ако се има предвид дека Русија со инвазијата врз Украина ги прекрши сите цивилизациски вредности за кои цврсто се залагаме како нација и држава. Токму поради сето ова, убеден сум дека Северна Македонија никогаш нема да се повлече од добрососедство, пријателство и соработка, односно никогаш нема да отстапи од јасно трасираниот европски пат кој носи стабилност, сигурност и подобар живот за нашиот народ“, потенцира вицепремиерот Маричиќ во интервјуто за Локално.

Latest Posts

Не пропуштај