More

    Во 2021 се регистрирани 48 жртви на трговија со луѓе, за разлика од 7-те во 2020, неопходна е бескомпромисна борба

    Во Република Северна Македонија најзастапени облици на трговија со луѓе се присилните бракови, при што жртвите од страна на „брачниот другар’“ или од членовите на неговото семејство се експлоатираат преку давање сексуални услуги на лица, преку трудова ескплоатација која е на граница на домашно слугување или по пат на питачење, се вели во анализата на МИА што ја пренесува Цивилмедиа.

    Потоа е сексуалната експлоатација што се одвива во приватни објекти или возила и трудовата експлоатација, по пат на питачење, работа во земјоделието, работа несразмерна на возраста и телесниот развој. Во однос на возраста 70 проценти од идентификуваните жртви се деца, а 30 проценти се полнолетни лица. Според полот, 94 проценти се од женски пол, а шест проценти од машки.

    Во овој контекст, за МИА од Одделот за односи со јавност и стратешки прашања при МВР, велат дека може да се каже дека Република Северна Македонија е пред сѐ земја на транзит, потоа земја на потекло и земја на крајна дестинација.

    Во текот на првата половина од 2022 година, согласно податоците од МВР, идентификувани се седум женски жртви, од кои шест деца на возраст од 14-17 години. Од вкупниот број идентификувани жртви едно дете е странска жртва идентификувана во земјава, едно дете државјанин на Северна Македонија е идентификувано во странство/соседна земја, а останатите се внатрешно тргувани во рамки на државата.

    Со идентификуваните жртви, подвлекуваат од МВР, е постапувано согласно стандардните оперативни процедури за постапување со жртви на трговија со луѓе/деца, при што покрај стандардните пакети на услуги на три деца им е обезбедено и сместување во Центарот за лица жртви на трговија со луѓе.

    По идентификуваните случаи од страна на МВР, поднесени се две кривични пријави за трговија со луѓе и трговија со дете, против девет лица, од кои четири женски и пет машки. Воедно, во текот на годината идентификувани се и девет потенцијални жртви, од кои осум деца, шест жени, три машки, од кои едно дете е идентификувано како потенцијална жртва помеѓу илегалните мигранти, информираат за МИА од МВР.

    Во објавениот Извештај за спречување на трговијата со луѓе за 2021 година на Стејт департментот, во однос на регистрираните случаи, стои дека во 2021 биле идентификувани 48 жртви на трговија со луѓе, што е многу повеќе во однос на претходната 2020 година, кога биле регистрирани седум жртви. Од тие 48 лица, четириесет биле изложени на принудна работа, две лица биле принудувани на сексуални услуги, две за сексуални услуги и за принудна работа. Четири од откриените случаи, пак, биле жртви на принудна работа преку брак од изнуда. Од нив, 36 биле жени.

    Според анализите од изминатите пет години, жени и девојки кои се жртви на трговијата со луѓе, биле присилени на сексуални услуги и принудна работа во ресторани, барови и ноќни клубови во земјава. Дел од овие жени и девојки биле транспортирани и во земјите на Западна Европа, каде се присилени на физичка работа и сексуални услуги.

    Американскиот Стејт департмент со препораки за построги истраги и да не се изземаат и официјални лица за кои има сомнежи за соучество

    Во годинашниот Извештај за спречување на трговијата со луѓе за 2021 година, што го објави американскиот Стејт департмент, на властите во Северна Македонија, САД им препорачуваат спроведување построги истраги, за гонење и осуда на осомничените трговци со луѓе, како и да не се изземаат и официјални лица за кои има сомнежи за соучество. Според тој извештај, Северна Македонија се наоѓа на второ ниво заедно со осумдесетина земји од светот, меѓу кои се и Албанија, Хрватска, Грција, Унгарија, Италија. За споредба, во погорното, ниво број 1, се наоѓаат САД, Канада, Франција, САД, Финска, каде напорите за спречување на трговијата со луѓе се значајно повисоки.

    Владата на Северна Македонија, се вели во извештајот, не ги исполнува до крај минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но прави значајни напори во таа насока.

    Од МВР за МИА во однос на препораките за спроведување на построги истраги и построго гонење и санкционирање на трговците со луѓе, нагласуваат дека апсолутно се на иста линија.

    – Свесни сме дека само со нулта толеранција и бескомпромисна борба против носителите на овој вид на криминал може да бидеме успешни во нашите напори за сузбивање на овој најтежок облик  на повреда на човековите права и достоинство. Намалувањето на запретената законска казна од 8 на 5 години за кривичното дело „Трговија со луѓе“ од член 418-а во ставот 4 од КЗ на РСМ (со измените од 2018 година), не веруваме дека може да влијае одвратувачки од извршување на кривичното дело. Ако законодавецот предвидел минимална казна затвор од 4 години за секој еден граѓанин што ќе го стори основниот облик на кривичното дело, тогаш во случај кога извршител на делото е службено лице во вршењето на службата, запретената затворска казна од 5 години е ниска, особено ако се има предвид дека службеното лице не треба само да го почитува Законот, туку и да го спроведува, велат од ООЈСП при МВР.

    Во овој контекст посочуваат дека сите досегашни нивни расправи во однос на престојните измени во КЗ се во насока на поострување на казните за овој вид на кривични дела (генерално основниот и квалифицираните облици на делото од член 418-а „Трговија со луѓе“, како и член 418-г „Трговија со дете“ – што во изминатиот период беше и дел од препораките на ГРЕТА), а особено поострување на казните кога се однесува на извршување на кривичното дело од став 4 на член 418-а и став 6 од член 418-г.

    Сметаат дека потешките запретени казни, во комбинација со превентивните активности и подигањето на јавната свеста за штетноста и последиците од извршувањето на кривичните дела „Трговија со луѓе“ и „Трговија со дете“, може позитивно да влијаат на сузбивање на оваа општествено штетна појава.

    – МВР никогаш не пропуштило, не пропуша и нема да пропушти, да поднесе соодветна кривична пријава до ОЈО за ГОКК (доколку претходно биле добиени информации за тоа и преку спроведената истрага биле обезбедени материјални докази), без оглед оглед на која позиција моментно се наоѓа(ло) „официјалното  лице“, децидни се од МВР во однос на „заобиколувањето“ на официјалните лица за кои постои сомнение дека се соучесници или дека се извршители на КД „Трговија со луѓе“.

    Јакнење на националните капацитети за идентификување жртви и потенцијални жртви на трговија со луѓе

    Во насока на јакнење на националните капацитети за идентификување жртви/и потенцијални жртви на трговија со луѓе во Националниот акциски план за борба против трговија со луѓе 2021-2025 година предвидено е продолжувањето на успешно воспоставените мобилни тимови за идентификација на ранливи категории, вклучително и жртви на трговијата со луѓе. Мобилните тимови се составени од социјален работник, полициски службеник (од Националната единица) и претставник од граѓанскиот сектор. Воспоставени се во пет града во РСМ: Скопје, Куманово, Тетово, Битола и Гевгелија. За јакнење на капацитетите и градење специјализирани кадри во оваа област предвидени се и континуирано се спроведуваат мултидисциплинарни обуки согласно потребите во оваа област.

    Во дел од препораките во извештајот стои и потребата од издвојување повеќе пари за обезбедување на потребните ресурси за полицијата и за истражителите, со цел да се овозможи поефикасно детектирање и спречување на трговијата со луѓе.

    Оваа препорака, според надлежните во МВР, главно се однесува на позначително издвојување финансиски средства, кои иако во буџетот се предвидуваат како такви, со оглед на економската криза глобално, па и кај нас, се пренаменуваат за други приоритетни цели.

    – Се разбира дека ова не треба да биде оправдување и дека согласно препораката на Стејт Департментот државата ќе мора да најде начин финансиските средства предвидени за зајакнување на капацитетите на истрагите да ги искористи за намената и потребите на истрагите, одговараат за МИА од МВР.

    Истакнуваат дека уште од 2018 година со формирање на „Националната единица за сузбивање на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе“ и „Мобилните тимови за идентификување и помош на ранливи категории, вклучително и жртви на трговија со луѓе“, зајакнати се човечките ресурси и овозможено е поефикасно детектирање, спречување и гонење на сторители на кривичните дела на „Трговија со луѓе“.

    Од Одделот ја оценуваат на многу високо ниво соработката со другите полициски служби од регионот во борбата против трговијата со луѓе. Низ годините полициските службеници кои работат на овој вид криминалитет во земјата и регионот, појаснуваат, преку работилници, семинари и заеднички обуки, меѓусебно се запознале, имале бројни можности да соработуваат на конкретни истраги, што придонело за изградување високо нивно на меѓусебна доверба, со тоа и ефикасност во спроведувањето на истрагите.

    Преку сигурни канали на Европол, Интерпол и СЕЛЕК, велат, постојано се разменуваат информации за потенцијални жртви или за лица за кои постои сомнение дека се сторители на кривични дела трговија со луѓе, а преку заеднички оперативни состаноци се договараат заедничките мерки и активности во правец на попречување и разбивање на криминалните активности.

    Интернет – експлоатација и трговија со луѓе

    – Со отпочнување на КОРОНА пандемијата и изолирањето на луѓето, се зголеми и опасноста од подведување и експлоатација преку интернет (Grooming). Најранливи на оваа опасност реално станаа децата, наведуваат од ООЈСП.

    МВР заедно со другите субјекти вклучени во борба против трговијата со луѓе преку превентивни кампањи и секако преку истраги во соработка со земјите од регионот, презема активости за идентификување на лицата кои го злоупотребуваат интернет просторот со цел обезбедување на материјална корист за себе преку експлоатација на други лица.

    Во овој контекст се и финансиските истраги кои ги спроведува МВР во содејство со Управата за финансиско разузнавање и Финансиската полиција, особено во однос на плаќањата со електронски валути, што како модус операнди сѐ почесто се користи од припадниците на организирани криминални групи.

    Извор: Цивилмедиа

    Exit mobile version