Неизвесно е дали и во какви услови ќе се одржи парадата во рамките на Европрајд Белград 2022 што е предвидено да започне денес попладне во 16 часот според организаторите или во 17, според некои други извори.
Иако формално забраната не е укината, организаторите на Европрајд и денеска потврдија дека нема да се откажат од парадата и соопштија дека добиле поддршка и од премиерката Ана Брнабиќ после повеќедневните разговори со Европската асоцијација на гордоста (ЕПОА) и ветување дека прошетката на Европрајд закажана за денеска може да се одржи.
Како што се наведува во соопштението, бројни дипломати, пратеници во Европскиот парламент, како и други европски и меѓународни политичари ќе им се придружат на учесниците на парадата.
Сепак, од утринава пред Собранието на Србија започнаа да се собираат противниците на Европрајд и дојде до судир полицијата.
Приведен е еден свештеник за кој се тврди дека е расчинет монах кој нападна новинарска, како неколку други лица, меѓу нив и двајцата кои им одзедоа транспарент на волентерките на Европрајд.
Медиумите од Белград јавуваат за тензична атмосфера во Белград.