Последни написи

Дерала: Судирот Данела-ВМРО е внатрепартиски судир кој излезе од контрола мотивиран од гола борба околу милионски суми во евра

Да не се лажеме. Во суштина, овде се работи за внатрепартиски судир кој излезе од контрола и ништо повеќе и кој е мотивиран од гола борба околу милионски суми во евра, истакнува главниот и одговорен уредник Џабир Дерала во својата колумна „Скопје меѓу танцот на кобрата и боливудските сапуници“, објавена денеска на Цивилмедиа.

Според Дерала, „нема ни цела година откако Скопје го погоди политичката непогода – Данела и градски совет со мнозинство во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и ним слични“, и „тука некаде би требало да престане одделното спомнување на името на градоначалничката и партијата во која, само формално не е член, но затоа целосно ѝ припаѓа„, а „јавноста го следи и коментира како судир меѓу Данела и ВМРО-ДПМНЕ“.

Наспроти ова, авторот на колумната нагласува дека всушност „се работи за тежок конфликт внатре во партијата“ и дека додека Данела тврди дека е „независна“, а ВМРО се откажува од неа, сосема е дека „се работи за гола борба околу милионски суми (во евра)“.

Невообичаено, заклучува Џабир Дерала, е само тоа што борбата околу милионите евра, јавни пари (!), излезе на површина, за разлика од доссегашната пракса на конфликтите да ги држат херметички затворени, далеку од очите на јавноста.

Конфликтот меѓу Данела и градскиот совет доминиран од вмровците, предводени од цел еден екс-министер за финансии на Груевски и универзитетски професор, скарани околу вртоглави милионски суми (во евра), заклучува авторот на колумната во Цивилмедиа, на површина ја изнесе сета нечистотија на политиките во изминатите десет месеци.

Од друга страна, анализира Дерала, „неутралците“ што ја донесоа „независната“ Данела на власт се обидуваат од ова да изградат нов наратив што ќе им ја смири совеста, а пошироката публика се забавува со коментари на комичните нишкања со главата од говорницата (нешто помеѓу танц на кобрата и преглумувањето во индиските сапуници), додека за тоа време, десетици милиони евра остануваат „стопени“ некаде меѓу злоупотребите, неспособноста и криминалот.

Во својата колумна главниот и одговорен уредник на Цивилмедиа предупредува дека конфликтот „не е целосно наивен, туку се наѕира политичко калкулантство (крајно погрешно) – кој со кого и како ќе оди во можни прегрупирања, што ќе произлезат од внатрепартискиот конфликт во вмро на линија Данела – Мицко (1:0) и дали ќе се случи „бандите на Њујорк“ самите да се испотепаат меѓу себе?

Сега, заклучува Џабир Дерала, откако непознат број милиони евра се злоупотребени, а веројатно исто толку пропаднаа поради неспособност и ароганција, вмровците бараат оставка од таа што ја креваа до небо пред 10 месеци, а Скопје заслужува повеќе од живот меѓу танцот на кобрата и боливудските сапуници, без оглед на тоа што мнозинството одлучило да биде „неутрално“ на локалните избори.

Извор: Цивилмедиа

Latest Posts

Не пропуштај