More

    ЕУ предлага нова законска регулатива за медиумската слобода, Македонија ќе мора да ја аплицира

    Европската Комисија денеска го презентираше новиот закон за слободата на медиуми, чија цел е да се ограничи политичкото влијание и да се заштитат новинарите, јави дописничката на МИА од Брисел, пренесува Цивилмедиа.

    Комисијата денеска на маса стави низа нови правила за заштита на плурализмот и независноста во медиумите, приватните и државните во ЕУ. Иако овие правила се однесуваат на земјите членки на ЕУ, од земјите кандидати се очекува да ги интегрираат во своите закони и пракси, најави еврокомесарката за транспарентност и вредности на ЕУ, Вера Јурова.

    Со новото законодавство треба да се стави крај на политичкото и партиското влијание во медиумите за да можат новинарите да работат слободно, а под лупа е и државното рекламирање.

    Земјите членки ќе имаат обврска да ја почитуваат слободата на медиумите и заштитата на изворите, а сопствеништвото ќе мора да биде транспарентно.

    Што се однесува до државните и јавните медиуми, нивното финансирање ќе мора да биде соодветно, стабилно, предвидливо и да обезбеди независност.

    Ќе се чешлаат и сопственичката концентрација во медиуми кои претставуваат ризик за медиумската независност. Што се однесува до државното рекламирање, новиот закон воспоставува нови обврски на транспарентност и недискриминација. Објективност се бара во системите на мерење на гледаност, кои имаат важен импакт врз приходите од реклами.

    Законот ќе биде на маса и за земјите кандидати и земјите кои преговараат, како Северна Македонија, бидејќи тој ќе биде еден од условите во процесот на приклучување.

    За прв пат со овој закон во ЕУ ќе се воведат јасни мерки за заштита на независноста на медиумите и спречување на државни и партиско влијание.

    Во име на ефикасноста Комисијата предлага и да се креира независен Европски одбор за медиумски услуги, кој ќе ги вклучи националните медиумски власти и чија цел ќе биде да врши надзор врз применувањето на ЕУ законот за медиуми.

    Извор:Цивилмедиа

    Exit mobile version