Американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека ќе побара од Конгресот да ги повика компаниите на социјалните мрежи да покажат поголема одговорност во борбата против говорот на омраза и побара од Американците да се обединат против расизмот и екстремизмот за време на Самитот против говорот на омраза во Белата куќа, објавија светските медиуми.
Бајден истакна дека САД имаат трауматични искуства од „говорот на омраза“ против малцинските групи, предизвикан од неодговорните политичари и медиумите кои му дадоа „премногу кислород“ на говорот на омраза во последниве години.
Повикот на Бајден до Конгресот „да се ослободи од специјалниот имунитет за компаниите за социјалните медиуми и да наметне многу посилни барања за транспарентност на сите нив“ наиде на овации од страна на учесниците на самитот.
Настанот во Белата куќа дојде само неколку недели откако Бајден во говорот во Филаделфија предупреди дека екстремистичките републиканци се закана за демократијата.
Неколку големи технолошки компании кои учествуваа на самитот истакнаа дека ги прошируваат своите напори за борба против насилниот екстремизам со отстранување на содржината што велича насилни дејствија, а од Мајкрософт соопштија дека ги усовршуваат можностите за употребата на вештачката интелигенција и алатките за машинско учење за да откривање на сериозни закани од насилство поттикнати од говор на омраза.
Според најновите достапни податоци, ФБИ соопшти дека минатата година злосторствата од омраза во САД достигнаа највисоко ниво во последните 12 години.