Последни написи

Лекарите, социјалните работници, психолозите и специјални едукатори и рехабилитатори бараат воведување на сексуално образование

Релевантните стручни здруженија и организации денеска ја потпишаа Декларацијата „Со сексуално образование во училиштата до поздрава и побезбедна младина“ што беше претставена денеска на истоимената национална конференција во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, соопштува во заедничкото соопштение ХЕРА.

Со декларацијата потписниците се едногласни во барањето Владата на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука да им осигураат системски пристап до научно засновани информации за сексуалното и репродуктивното здравје на сите млади во земјава.

Имајќи ја предвид загрижувачката состојба со здравјето и добросостојбата на младите во Македонија, што од година во година ја потврдуваат статистиката, но и искуството на самата професионална фела, поддршка за воведување и за ефективно спроведување на сексуалното образование како изборен предмет во 9-то одделение во основното образование, изразија Здружението на социјални работници на Македонија, Здружението на лекари Албанци, Здружението на лекари по општа медицина – семејна медицина, Институтот за брак, семејство и системска пракса – Алтернатива, Македонското здружение на гинеколози и опстетричари, Македонското здружение на млади правници, Македонското лекарско друштво – МЛД и стручно-специјалистичките здруженија при МЛД, Психолошкиот центар Алтернатива, Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска, Центарот за семејна медицина при Медицинскиот фактултет во Скопје, како и организациите кои работат со млади и маргинализирани групи ХЕРА, Коалиција Маргини, Субверзивен фронт  и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

 

„Сите потписници сме сложни, како и поголемиот дел од јавноста, дека сеопфатното сексуално образование им е потребно на нашите деца и млади за да се развијат во здрави и емотивно здрели личности. Науката е на страната на сексуалното образование, а социјалните и здравствените индикатори одамна алармантни. Сексуалното образование е дел од бројни политики и закони, политичката волја за неговото воведување се‘ појасна во последните години. Она што денес ни недостига е имплементација, а најважно од се‘, па дури и предуслов за негово успешно спроведување, континуираната едукација на населението и сензибилизација на локалните заедници и на родителите за да им се спротивставиме на дезинформациите, лагите и говорот на омраза поврзан со ССО – нешто кон што сите можеме да придонесеме“, изјави Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА во своето поздравно обраќање до присутните.

Кон придобивките од сексуалното образование се осврнаа и Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија и Иго Бештел, советник за соработка и културни прашања при Амбасадата на Франција и директор на Францускиот институт во Скопје, во чии земји сексуалното образование е дел од наставните програми со години.

Со оваа Декларацијата, стручната јавност бара и континуирано подигање на јавната свест за здравствените, емоционалните и социјалните придобивки за децата од учењето за сеопфатното сексуално образование, како и креирање посебни и инклузивни програми и механизми за заштита од насилство и дискриминација врз децата во основните и средните училишта.

Поддршка за интегрирање на сеопфатното сексуално образование во формалниот образовен систем дадоа и пратеничките Маја Морачанин од ДОМ, Санела Шкријељ од СДСМ, Арбана Пашоли од ДУИ, Моника Зајкова од ЛДП и Њомза Шаќири од Алијансата за Албанците. Потсетувајќи на бројните препораки на меѓународни тела до земјава, како и на национални политики и закони на Република Северна Македонија, тие се согласија дека народните претставници и политичките партии имаат должност да осигураат навремена едукација за сексуалното и репродуктивното здравје и права на секој млад човек што, во најмала рака, би придонело кон ослабување на стереотипите и намалување на омразата и дискриминацијата кон жените и другите ранливи групи на граѓани во државата.

Интегралниот текст од Декларацијата е достапен на следниот линк.

Извор: ХЕРА

Latest Posts

Не пропуштај