Последни написи

ОН: 85 отсто од светското население живее во средини во кои е регистриран пад на слободата на медиумите

„Ширум светот, демократијата назадува, граѓанскиот простор се намалува, недовербата и дезинформациите растат, аполаризацијата ги поткопува демократските институции“, ова е сликата што ја презентираше генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во својата видео порака по повод Светскиот ден на демократијата, 15 септември.

Гутереш уште додаде дека „сега е време“ да се алармира и „да се потврди дека демократијата, развојот и човековите права се меѓусебно зависни и меѓусебно се зајакнуваат“.

Генералниот секретар на ОН во пораката фокусот го стави на централната тема за одбележување на Светскиот ден на демократијата – слободните, независни и плуралистички медиуми, кои ги опиша како „камен-темелник на демократските општества“.

Тој предупреди дека вербалните напади и притисоците врз новинарите, онлајн вознемирувањето и обидите за замолчување на новинарите „од ден на ден стануваат побезобразни“ – особено против новинарките.

Додека медиумските работници се соочуваат со цензура, притвор, физичко насилство, па дури и убиства – често неказнето – шефот на ОН потсети дека „таквите мрачни појави неизбежно водат до нестабилност, неправда и уште полошо“.

„Без слободен печат, демократијата не може да опстане. Без слобода на изразување, нема слобода“, подвлече генералниот секретар, повикувајќи го светот да ги здружи силите „за да ја обезбеди слободата и да ги заштити правата на сите луѓе, насекаде“.

Според Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО), во последните пет години, 85 отсто од светското население живее во средини во кои е регистриран пад на слободата на медиумите.

Жените новинарки се особено погодени. УНЕСКО и Меѓународниот центар за новинари открија дека 73 отсто од 714 жени новинарки од 125 земји пријавиле дека доживеале онлајн насилство во текот на нивната работа.

Од 2016 година до крајот на 2021 година, УНЕСКО забележа убиства на 455 новинари и медиумски работници, кои или умреле заради тоа што го работеле или додека ја извршувале својата професионална должност.

Извор: ОН

Latest Posts

Не пропуштај