Последни написи

ИМА: Претседателот на МАНУ Коцарев дезинформира дека „Македонците веќе уште денес ги нема“

Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), во текстот „Претседателот на МАНУ Коцарев дезинформира дека ‘Македонците веќе уште денес ги нема’“, укажува дека првиот човек на највисоката научна и културна иснтитуција во државата шири дезинформација, изведувајќи погрешен заклучок од документ за упис на факултет.

ИМА ја наведува колумната на акедемик Коцарев, потпишан како „претседател на МАНУ“ во текстот „МАНУ е пред портите“ (Нова Македонија, 07.09.2022)  пишува:

„Деновиве се врши упис на факултетите во земјава. Случајно ме привлече еден документ, од повеќето документи потребни за упис, со наслов „Изјава за национална припадност“ (не навлегувам во тоа дали е тоа документ потребен на сите универзитети или факултети, зборувам за конкретен факултет), во којшто по впишувањето на името, презимето и матичниот број на кандидатот, изборот се прави со пополнување на квадратчето на националната припадност за која кандидатот се изјаснува, избирајќи една од следните националности: 1. Албанец; 2. Влав; 3. Турчин; 4. Србин; 5. Ром; 6. Бошњак; 7. Друго. Толку!! – Се чини се чека само да се смени Уставот, па следната година да се додаде уште една националност – Бугарин. Значи, не треба да чекаме до 2084, Македонците веќе уште денес ги нема!“

ИМА во својата реакција укажува дека документот „Изјава за национална припадност“ со години е предмет на манипулации и во медиумите и на социјалните мрежи.

За да ги провери овие тврдења, Институтот за медиуми и аналитика побара информации од студентските прашања од факултет каде што документот „Изјава за национална припадност“ е поставен он-лајн, од деканатот на факултетот, и од Ректоратот на УКИМ.

Од студентските прашања на ФЕИТ ни одговорија дека „Изјавата за национална припадност“ ја пополнуваат сите останати студенти што не се Македонци, за упис во квотите за припадници на други националности (доколку тоа  го дозволува бројот и утврдената квота).

Од деканатот на ФЕИТ за ИМА одговорија дека изјавата ја пополнуваат студенти, кои не се изјасниле како Македонци, само ако националната припадност не е наведена во свидетелствата и дипломите од средното образование.

Од Ректоратот на УКИМ ни одговорија дека изјавата се користи веќе дваесетина години, откако Владата донела одлуки за дополнителни квоти за упис на факултетите за припадниците на другите националности. Изјавата се користи само за да се утврди националната припадност на кандидатот кој се стекнува со право да биде запишан во квотата за новозапишани од другите националности (затоа што немало во сите свидетелства пополнето на која националност му припаѓа кандидатот за упис).

Од сите овие информации, констатира ИМА, може да се изведе заклучок дека изјавата се користи при реализација на владините одлуки за „дополнителни квоти за запишување на студенти кои не се мнозинство“.

Уставниот суд уште во 2003 година расправаше за „можноста за запишување на студенти преку дополнителни квоти одредени од страна на Владата на Република Македонија за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“. Тогаш, Уставниот суд утврди дека „преку вака предвидената квота се обезбедува соодветен и правичен пристап на граѓаните кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија“, потсетуваат од ИМА.

Следствено, од изјавата, која се користи во практика при упис само за реализација на владините одлуки за „дополнителни квоти за запишување на студенти кои не се мнозинство“, не може да се извлече валиден заклучок дека „Македонците веќе уште денес ги нема“, заклучуваат од Институтот. Студентите Македонци се третираат како мнозинство од администрацијата на факултетите, и затоа ги нема во изјавата што се користи при реализација на владините одлуки за „дополнителни квоти за запишување на студенти кои не се мнозинство“.

Според сето ова, заклучува Институтот за медиуми и аналитика, произлегува дека претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев – шири дезинформации. Заклучокот што го изведува претседателот на МАНУ – „не треба да чекаме до 2084, Македонците веќе уште денес ги нема!“ – е погрешен заклучок и дезинформација. Македонците ги има при упис на факултетите, но тие не се третираат како припадници на заедниците кои не се мнозинство (и го пополнуваат овој формулар), туку како мнозинство.

Извор: ИМА

Latest Posts

Не пропуштај