Со свечено подигање на знамето пред Палатата Србија, денеска во Белград започна Неделата на Европрајд, објавија организаторите на настанот кои на подигањето на знамето беа придружувани од повеќе дипломати, меѓу кои и американскиот амбасадор Кристофер Хил, како и неколку противници на Прајд кои бараат да се откаже настанот, објавија денеска медиумите во Србија.
Одлуката на организаторите да ја прогласат за отворена Неделата на Европрајд и покрај забраната е донесена за да се испрати порака дека „Белград е град кој е отворен и еднаков за сите, постои за сите и дека е град отворен за промени“.
„Ова е порака за толеранција, ова е време за еднаквост и солидарност“, порачаа организаторите.
Покрај Меѓународната конференција за човекови права и голем број странски гости, дипломати, претставници на странски влади, ќе бидат организирани и голем број изложби, активистички, едукативни, културни и забавни настани.
Во рамките на Европрајд најавени се две концертни вечери, на кои в петок и сабота ќе настапат локални и европски изведувачи како Сенида, Сара Џо, Анџелина, Рој Перез, Патрик Мејсон и многу други.
Белградскиот Европрајд ќе биде, како што наведуваат организаторите, историски, бидејќи е прв што се одржува во регионот на Западен Балкан и во овој дел од Европа.
За традиционалната прошетка е закажана за сабота на 17 септември со почеток во 17 часот пред Собранието на Србија, се очекува да биде донесена нова одлука со којашто ќе се отстрани забраната, иако по состанокот на Советот за национална безбедност, претседателот Александар Вучиќ изјави дека државата ќе го искористи законското право да одлучи во рок од 96 часа од почетокот на прошетката дали ќе се одржи или не.