Последни написи

ИМА: Дезинформација е дека Русија објавила и уништила 830 украински борбени возила за еден ден

Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) во анализата „Дезинформација е дека Русија објавила и уништила 830 украински борбени возила за еден ден“ укажува дека насловот РУСИТЕ ОБЈАВУВААТ: УНИШТИВМЕ 830 УКРАИНСКИ БОРБЕНИ ВОЗИЛА И ТОА ЗА ЕДЕН ДЕН (Infomax.mk 10.09.2022, и think.mk) претставува класична дезинформација.

ИМА нагласува дека тврдењето во насловот е демантирано уште во првиот параграф од написот: „Веќе 830 украински борбени возила со повеќе ракетни системи за лансирање се уништени во текот на руската специјална воена операција, соопшти во саботата руското Министерство за одбрана“.

Од текстот е јасно дека Русите воопшто не објавиле информација „уништивме 830 украински борбени возила и тоа за еден ден“. Според изворот, тие „се уништени во текот на руската специјална воена операција“, а не „за еден ден“, како што тврдат во насловот порталите Infomax.mk и Think.mk, констатира ИМА.

Од ИМА наведуваат дека тоа може да се увиди и од објавата на Министерството за одбрана на руската федерација од 10.09.2022, каде што се зборува за уништени „830 борбени возила опремени со повеќецевни ракетни фрлачи“ – севкупно, „за времетраењето на специјалната воена операција“.

Станува збор за повеќекратни дезинформации и непотврдени информации: ниту Русија го објавила тоа што се тврди во насловот, ниту пак тоа што се тврди е вистинито. Ниту објавената информација е проверлива, ниту пак е соодветен изразот „специјална воена операција“ (воено-пропаганден назив за руската инвазија врз Украина).

Она што е извесно е дека порталите Infomax.mk и Think.mk вообичаено објавуваат сензационалистички наслови, дезинформации и непроверени информации како за војната во Украина, така и за други теми, укажуваат од Институтот за медиуми и аналитика.

Извор: ИМА

Latest Posts

Не пропуштај