Пишува: ВАСКО ЛАЗАРЕВСКИ
Град Скопје е сложен, комплексен систем. Огромен за македонските разбирања на волумен и размер. Тука се создаваат околу 43 проценти од бруто домашниот производ на земјата, што значи речиси половина од бизисите се случуваат во Скопје. Згора на тоа, жителите на Скопје сочинуваат речиси една третина од вкупниот број на жители на земјава. Ако на тоа се додадат и оние со нерегулиран престој и дневните мигранти, веројатно е дека кон и во градот гравитираат речиси половина од населението на Македонија. Соодветно на големината и буџетот со кој располага Град Скопје, неспоредливо е поголем од сите други единици на локалната самоуправа. Зборуваме за сто милиони евра изгласан буџет за 2022 година. Многу министерства (повеќето) на централната власт немаат толкави буџети.
Дополнително, градот за големи проекти бара финасиска поддршка и од други извори освен буџетот. Во последниве години тоа беа Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и други кои учествуваат во тие проекти. Така, на пример, новите триесет еколошки автобуси купени за потребите за ЈСП беа набавени со кредит од десет милиони евра од ЕБОР, а целата постапка за набавка, целиот тендер беше спроведен според процедурите на ЕБОР за да се избегне било каква можност за сомнеж околу набавката т.е. тендерот. Затоа, денес ги гледаме новите модерни, удобни, тивки и еколошки автобуси по скопските улици.
Освен автобусите на гас, беа договорени и други линии за поддршка на големи проекти. Во 2019 се потпишува договорот за изградба на пречистителна станица за скопските отпадни води вреден 136 милиони евра и веќе фамозниот Бас рапид трансфер систем – БРТ, во вредност од 70 милиони евра. Пречистителната станица треба да ги исчисти водите и да го подобри квалитетот на водата во Вардар на излезот од Скопје, да се заштити нашата природа, да може да се користи водата за наводнување без страв од хемикалии и отрови, да се заштити живиот свет во и околу реката Вардар. БРТ системот требаше да започне долг процес на реформирање на јавниот и сообраќајот воопшто, со брз и удобен превоз, дигитализација на сообраќајот, дури и целосна обнова и проширување на мостот Обединети Нации.
Но, тогаш се случи изборот на новата градска власт, се појави „светски признатата менаџерка“ Данела Арсовска која стана градоначалничка со целосна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Наследија два огромни проекти кои само треба да се спроведат, да се изменаџираат и да се потрошат 206 милиони евра во критична и сообраќајна инфраструктура од која фајде ќе видат сите жители на Скопје. Но, очигледно не ги интересирало тоа.
Се решија, да се изразам скопски, да му влезат у џигер на сето ова и да направат пари. Многу пари.
Прво, се нафрлија на БРТ. Готов, подготвен проект, со обезбедено финансирање, требаше само да почне постапката и да се спроведе. Но, некако заклучија дека меѓународните сообраќајни студии не се добри, дека тоа што проектот БРТ беше прогласен за најеколошки, најзелен проект на ЕБОР за 2021 година не значи ништо и решија наместо БРТ да купат двесте и нешто автобуси. Кој знае колку паметно се чувствувале кога го смислувале тоа: ќе ги зезнеме ЕБОР, ќе увеземе еден куп автобуси… Се разбира дека тој есап не помина кај меѓународни финасиски институции. Никој не ги договорил средствата за Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да ги трошат како што сакаат, тоа се наменски средства чие трошење е за намена која е испланирана до детал и не постои начин да се смени. Дури ни ако така замислила тековната градоначалничка и нејзините партнери. Сега, седумдесет милиони евра лежат на некоја сметка, а државата годишно плаќа по 350 илјади евра камата, за проект кој не се спроведува.
Деновиве дојде ред да се спроведува најголемиот проект, најголемиот залак, 136 милиони евра за пречистителна станица. И тука се растури муабетот. Очигледна е желбата да се има контрола врз тоа кој ќе биде изведувач, кои ќе се подизведувачи, кој ќе прави надзор над работите… Кој ќе потроши 136 милиони евра сува пара. Летаат разрешувања и оставки, обвинувања, епска драма и раскинување на ортаклакот.
Екипата му влезе у џигер на градот и се растурија во процесот. Се испокараа кој – колку. Зијанот е само кај Скопјани – и во пари, и во време, и во квалитет на услуги кои ги добиваат од градот.
Во деновиве кои следат, ќе видиме дали Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се скарани за озбилно или само ни прават театар. Тоа што се разрешени секретарот на градот (некој вид на извршен директор на градот) и директорот на Водовод (најбогатото градско претпријатие и директно инволвиран во градењето пречистителна станица) не мора да значи ништо. Ќе седнат на раат и ќе се обидат да се договорат, секогаш ќе се најдат нови кандидати за двете функции. Но, ако не се договорат, тоа ќе значи растурање на мнозинството во Советот на Град Скопје. Доколку Советот не успее да изгласа некои акти кои се задолжителни, ќе се утврди дека не постои капацитет за функционирање на Советот и ќе се распишат избори за членови на Совет. Позицијата на Данела е безбедна, никој не може да ја смени до крај на мандатот. Тек ќе влага у џигери.