Во САД денеска се одбележуваат 21 година од киднапирањето на четири патнички авиони од страна на исламски терористи и извршени најголемите терористички напади во современата историја.
Американскиот претседател Џо Бајден ќе се обрати по тој повод и ќе положи венец пред Пентагон, соопшти Белата куќа, пренесува Цивилмедиа.
Првата дама Џил Бајден ќе зборува пред Националниот споменик на летот 93 во Шенксвил, Пенсилванија.
Потпретседателката Камала Харис и нејзиниот сопруг ќе присуствуваат на комеморативна церемонија во Националниот меморијален центар 11 септември во Њујорк.
Во вторникот на 11 септември 2001 година, бомбаши-самоубијци киднапираа американски патнички авиони и ги урнаа во два облакодери во Њујорк, убивајќи илјадници луѓе.
Овој напад останува еден од најтрауматичните настани на векот, не само за Америка, туку и за остатокот од светот, објави Би Би Си.
Четири авиони кои летаа над источниот дел на САД истовремено беа киднапирани од мала група киднапери.
Тие потоа беа употребени како џиновски наведувани проектили за да ги погодат зградите-симболи на Њујорк и Вашингтон.
Два авиона се урнаа во Кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк.
Првиот удри во Северната кула во 08:46 часот по средноевропско време, вториот удри во Јужната кула во 09:03 часот по средноевропско време.
Зградите се запалија, блокирајќи луѓе на повисоките катови, а целиот град го обви густ чад.
За помалку од два часа, двете кули од 110 катови се урнаа во огромен облак од чад.
Во 09:37 часот трет авион го уништи западното крило на Пентагон – огромното седиште на американската војска во близина на Вашингтон, главниот град на државата.
Четвртиот авион се урна во поле во Пенсилванија во 10:03 часот откако патниците дале отпор.
Се претпоставува дека киднаперите имале намера да ја нападнат зградата на Капитол Хил во Вашингтон.
Вкупно 2.977 луѓе ги загубија животите, не сметајќи ги 19-те киднапери. Повеќето од жртвите биле во Њујорк.
Сите 246 патници и членови на екипажот во четири авиони загинаа, при ударот во Кулите близначки 2.606 лица починаа на лице место или подоцна им подлегнаа на повредите, а 125 луѓе настрадаа во Пентагон.
Најмладата жртва беше двегодишната Кристина Ли Хенсон, која загина во еден од авионите заедно со нејзините родители Питер и Сју. Најстариот бил 82-годишниот Роберт Нортон, кој бил во друг авион со сопругата Жаклин, со која патувал на свадба.
Кога удрил првиот авион, се проценува дека во кулите се наоѓале 17.400 луѓе.
Никој не преживеа над зоната на ударот во Северната кула, но 18 од нив успеаја да побегнат од катовите над зоната на удар во Јужната кула.
Меѓу жртвите има државјани од 77 земји.
Њујорк загуби 441 припадник на службите за итна интервенција.
Илјадници луѓе беа повредени или подоцна развиле болести поврзани со нападите, вклучително и пожарникари кои работеле во урнатините.
Нападите биле планирани од Авганистан од страна на екстремистичката исламистичка мрежа Ал Каеда.
Ал Каеда, предводена од Осама бин Ладен, ги обвини САД и нивните сојузници за воените конфликти во муслиманскиот свет.
Киднапирањето го извршиле 19 лица, кои работеле во три тима од по пет члена и еден од четири – во авионот што се урна во Пенсилванија.
Секоја група имала по некој кој поминал обука за пилоти во школите за летање во САД.
Петнаесет од киднаперите биле Саудијци, како и самиот Бин Ладен. Двајца биле од Обединетите Арапски Емирати, еден од Египет и еден од Либан.
Помалку од еден месец по нападот, тогашниот американски претседател Џорџ Буш започна инвазијата на Авганистан, поддржана од меѓународната коалиција, за да се уништи Ал Каеда и да се пронајде Бин Ладен.
Меѓутоа, дури во 2011 година американската војска конечно го лоцираше и уби Бин Ладен во соседен Пакистан.
Наводниот организатор на нападите од 11 септември, Халид Шеик Мохамед, беше уапсен во Пакистан во 2003 година.
Оттогаш, тој се наоѓа во американски притвор во Заливот Гвантанамо, каде сè уште го чека судењето.
Беа потребни повеќе од осум месеци за да се расчисти „Нулта точката“ – местото каде што се урнаа Кулите близначки.
На таа локација сега се наоѓа споменик и музеј, а зградите се обновени, но со поинаков изглед.
Завршената централна градба – Светскиот трговски центар Еден или „Кулата на слободата“ – е уште повисока (541 метар) од првобитната Северна кула, која беше висока 417 метри.
Реновирањето на Пентагон траеше нешто помалку од една година, а персоналот се врати во канцелариите во август 2002 година.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера ја продолжи за уште една година вонредната состојба, која беше воведена на 14 септември 2001 година, по терористичките напади.
„Ја продолжувам за уште една година вонредната состојба прогласена на 14 септември 2001 година, со прогласот 7463, во врска со терористичките напади од 11 септември 2001 година, порача Бајден“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Белата куќа.
Тој нагласи дека се уште е присутна терористичката закана што доведе до првата декларација за воведување вонредна состојба на 14 септември 2001 година, по нападите на Њујорк и Вашингтон.
„Од таа причина, заклучив дека е неопходно да се продолжи важноста на националната вонредна состојба и по 14 септември 2022 година со оглед на терористичката закана“, прецизира Бајден.
Извор: Цивилмедиа