Околу 1.300 чеченски борци од единицата на Рамзан Кадиров пристигнаа во регионот Херсон за да ги зајакнат руските трупи во привремено окупираните територии, објави украинската државна агенција, Укринформ, откако во украинската контраофанзива досега се ослободени повеќе од 1000 квадратни километри украинска територија, пренесува МЕТА.
Тие го пренесуваат последниот извештај на Генералштабот на вооружените сили на Украина, кој е објавен на нивната официјална Фејсбук страница.
„Непријателот продолжува да се фокусира на воспоставување целосна контрола на територијата на регионот Донецк, задржувајќи ги привремено освоените делови од регионот Херсон, делови од Харкив, Запорижја и Миколаив“, објави Укринформ.
Оттаму додаваат дека руските сили продолжуваат со висок интензитет на воздушно набљудување на регионот, и преземаат мерки да ја подобрат логистичката поддршка на трупите на терен. И понатаму останува да важи заканата за воздушни ракетни напади на целата територија на Украина.
Претходно Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека „единиците на одбранбените сили успеаа да напредуваат 50 километри во регионот Харкив и да ослободат повеќе од 30 населени места во овој регион“, соопшти Укринформ.
Извор: МЕТА