Последни написи

„Пиарџиски“ референдум

Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ

ВМРО-ДПМНЕ со месеци зборуваше против „францускиот предлог“ и референдум за оспорување на преговарачката рамка со ЕУ, а сега зборува за  референдум за Договорот со Бугарија? Па луѓе, тој договор е стар веќе 5 години! Со наши уши слушнавме и со очи видовме, како лидерот на партијата Мицкоски, прашан од тогашниот бугарски премиер Борисов, рече дека го „поткрепува“ договорот.

По таа логика, ВМРО досега веќе требаше да организира два референдума: Еден за договорот со Бугарија, еден за Преспанскиот договор. Ах, да, за малку ќе заборавевме: ВМРО-ДПМНЕ не излезе референдумскиот мегдан во 2018 година, на кој можеше да му се спротивстави на Договорот со Грција, кој ги отвори вратите за членство во НАТО и напредокот на земјата кон членството во ЕУ, но со компромис со кој мораше да се смени името на државата, за да се сочува името на македонскиот народ, неговиот јазик и идентитет.

Но, и во таа референдумска 2018 година, и пред 5 години, и сега, ВМРО-ДПМНЕ и нејзината пропаганда ги оцрнуваа неистомислениците, етикетирајќи ги како „предавници“, „Северџ(г)ани“, „кодоши“…Така беше и за референдумот кој се организираше по иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ за територијалната поделба на државата во 2004 година.

И, секоја година, за секој референдум, договор, компромис, од ВМРО-ДПМНЕ и нејзините експоненти слушаме обвинувања за продажба на државата, името, јазикот, идентитетот… Човек да се запраша, колку ли пати може да се „продаваат“ македонскиот јазик, идентитет и име? И на кој пазар?

Туку, шега на страна. Зошто сега ВМРО-ДПМНЕ зборува за референдум за Договорот со Бугарија, а не за „францускиот предлог“? Одговорот е едноставен: Поради анкетите и партиските математики и мобилизацијата на гласачи, а не поради некаква суштинска политика или патриотизам. Чист „пиарџиски“ референдум.

Што велат бројките? Во неколку анкети и истражувања последнава година, граѓаните се изјаснуваат негативно за Договорот со Бугарија, и за Бугарија воопшто, сместувајќи ја на дното на листата на пријателски земји. Наспроти тоа, поддршката за ЕУ, иако намалена, е сè уште многу голема.

Следствено на тоа, воопшто не изненадува тоа дека ВМРО-ДПМНЕ сега зборува за референдум против Договорот со Бугарија, а не за референдум против преговарачката рамка со ЕУ. Но, ова е дволична игра и пропагандистичка манипулација. Референдумот е антиевропски во суштина, како што сведочиме во неколкумесечната кампања за негово промовирање, иако ВМРО-ДПМНЕ се надева дека со вака поставено референдумско прашање тие нема да бидат доживеани како анти-европјани пред ЕУ и пред нивната Европска народна партија.

Втората силна причина е мобилизирањето и „држењето во кондиција“ на партиската и пропагандната машинерија. Откако на чело на оваа партија дојде Никола Груевски, а и сега по него, ВМРО-ДПМНЕ функционира со стратегија на „перманентна кампања“ и постојано организирање на избори, кои честопати беа предвремени. Оваа стратегија ѝ донесе на партијата децениска власт и многу изборни победи. За жал, на земјата и на нејзините граѓани ова не им донесе ништо добро, туку години на стагнација, изолација и општа деградација.

Затоа се и постојаните повици за предвремени избори, „час поскоро“. Затоа е и оваа кампања за нов референдум. Нема сомнеж дека партијата може да мобилизира и 150.000 гласачи за да се организира референдумот. Но, исто така е вистина дека организирање на успешен референдум на кој ќе излезат над 900.000 граѓанки и граѓани е речиси невозможно, без за тоа да има консензус меѓу партиите од власта и опозицијата. Дури и во самата опозиција, тешко е да се верува дека опозициските партии на Албанците ќе поддржат еден ваков референдум.

Па чуму тогаш сето ова? Зарем повторно ќе се трошат милиони евра, ќе се изгубат месеци во кои државата нема да функционира целосно, ќе ечат кампањи и меѓупартиски препукувања, ќе се прогласуваат „предавници“ и „патриоти“, ќе се продлабочуваат поделбите и омразата, за на крај од сето тоа да излезе едно големо – ништо?

Latest Posts

Не пропуштај