Последни написи

Претседателот Пендаровски го пречека претседателот на Италија Матарела

Претседателот Стево Пендаровски го пречека претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела, кој  престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Претседателот Матарела беше пречекан со највисоки државни и воени почести, по што следува тет-а-тет средба на претседателите Пендаровски и Матарела и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Италија.

Претседателите Пендаровски и Матарела досега имаа средби во Рим во ноември 2019 година и во мај 2021 година.

По средбата со Пендаровски, Матарела ќе се упати во Собранието, каде што ќе се сретне со претседателот на Парламентот, Талат Џафери и во рамки на свечената седница, ќе се обрати до пратениците и граѓанските и верските претставници во земјата.

Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје претседателите Пендаровски и Матарела ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев, а во попладневните часови италијанскиот претседател Матарела ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски.

Официјалната посета на италијанскиот претседател Серџо Матарела ќе заврши со средба со претставници на италијанската заедница во земјата.

Серџо Матарела беше избран за претседател на Италијанската Република во јануари 2015 година, а на таа функцијата беше реизбран и во февруари 2022 година, со над 75 отсто од гласовите на Собранието, со што е втор претседател избран со најголем број гласови во историјата на Италијанската Република.

Посетата на Матарела на највисоко ниво го потврдува интензитетот на односите меѓу Северна Македонија и Италија која отсекогаш ги поддржувала евроатлантските амбиции на нашата земја и нејзиниот развојен и институционален пат со широк сет на иницијативи за соработка.

Latest Posts

Не пропуштај