Последни написи

Македонија го слави Денот на независноста

Граѓаните на Република Северна Македонија денеска го чествуваат 8 Септември – Денот на независноста.

Централната свечена прослава во организација на Владата, под мотото „Обединети во слободата“, ќе се одржи во 19:30 часот на платото кај паркот „Ибни Пајко“ во Скопје.

Во рамки на свечената прослава, планирани се изведби и музички солистички нумери од познати пејачи, групи и ди-џеи, а истата ќе се пренесува во живо и на Националната радио-телевизија, како и на каналите на социјалните мрежи на Владата на Република Северна Македонија.

Во програмата за одбележуавање на Денот на независноста се вклучени и повеќе свечени и културни активности во целата држава.

Од 11:00 часот до 14:00 часот, во Скопје, во Градскиот парк на „Школка“ ќе се одржи манифестација која вклучува програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат куклената претстава „Лакомата Меца“, по што ќе следат и тактичко показни вежби на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи.

Со почеток од 11:00 часот ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи и галерии.

Сите заинтересирани граѓани ширум Републиката, ќе имаат можност до 20:00 часот да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“ и „Хераклеја“, Музејот Охрид и Куќата на Робевци, музеите и заводите во Прилеп, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија, како и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија.

Во Битола, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука, како и Музејот на Западна Македонија во НОВ во Кичево.

Во Скопје, ќе бидат отворени за посета, Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, како и Даут пашиниот амам и Чифте амамот.

Latest Posts

Не пропуштај