Република Северна Македонија е на 78 место од вкупно 191 земји во светот опфатени со истражувањето за Индексот на човековиот развој за 2020 и 2021 година, што денеска го објави УНДП.
Тоа е за 4 места повисоко на индексот од последниот извештај од 2019 година, но земјата и понатаму е во категоријата Висок човеков развој.
Она што е забележително за Северна Македонија е падот на индексот за човеков развој за 2020 и 2021 година, кој до 2019 година бележеше постојан раст.
За разлика од категоријата Многу висок човеков развој во кој се наоѓаат речиси сите европски земји, во категоријата Висок човечки развој од Европа се само уште Албанија на 67-то место и ја предводи лисатата земји во оваа категорија, Бугарија на 68-то и Босна и Херцеговина на 74-то место.
Од европските земји после Македонија на оваа листа се само уште Молдавија и Ерменија, кои, исто како и Босна и Херцеговина, се земји кои немаат кандидатски статус за членство во ЕУ.
Извештајот за човековиот развој на УНДП 2021/2022 е најновиот во серијата глобални извештаи за човековиот развој објавени од Програмата за развој на Обединетите нации во која од 1990 година како независни и аналитички и емпириски засновани анализи се следат трендовите на главните развојни политики во земјите во светот кои опфаќаат прашања како што се образование, владеење на правото, здравство и животен век на граѓаните, дискриминација и еднаква родова застапаненост, животна средина и некои други.