More

    ИМА: ВМРО-ДПМНЕ ги изманипулира граѓаните и медиумите и наместо за „францускиот предлог“ иницира референдум за договорот со Бугарија

    Меѓу бројните медиумско-политички дезинформации и манипулации за „францускиот предлог“ се и тие дека ќе биде покрената иницијатива за референдум, на кој граѓаните ќе можат да се изјаснат ЗА или ПРОТИВ „францускиот предлог“ (преговарачката рамка за ЕУ) и уставните измени, констатира денеска Институтот за медиуми и аналитика во анализа под наслов „ВМРО-ДПМНЕ ги изманипулира граѓаните и медиумите: Нема референдум за „францускиот предлог“, преговарачката рамка и уставните измени“.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во гостување на ТВ Сител на 17 јули, експлицитно зборуваше дека ќе иницира референдум за преговарачката рамка и уставните измени:

    „…преговарачката рамка не е усвоена. Преговарачката рамка ќе се усвои откако ќе се случат уставните измени. Ако народот на референдум каже нема уставни измени – НЕМА, тогаш ќе бараме друга преговарачка рамка. Тогаш и Европа ќе знае дека народот на референдум рекол дека не прифаќа нови уставни измени… не е усвоена преговарачката рамка, а на референдум ако народот каже нема менување на уставот, тоа е тоа. На Европа, во Брисел ќе им кажеме народот така одлучи, ве молам дајте ни друга преговарачка рамка“.

    ИМА за ова наведува повеќе медиумски наслови: Мицкоски најави референдум за „францускиот предлог“: Ништо не е завршено! (17.07.2022) и „Мицкоски во консултации за референдумот за францускиот предлог“ (24.07.2022).

    Медиумите известуваа дека Мицкоски „ја иницираше идејата за референдум околу Преговарачката рамка, откако опозицијата ја напушти седницата и не гласаше околу предлог-заклучоците“ и дека „Предлогот на Мицкоски на 21 јули го поддржа и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ“.

    Во ТВ прилогот „Каков ефект би имало од референдумско изјаснување за францускиот предлог?“ се тврди дека „Опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира на референдум против францускиот предлог, но сеуште не прецизираат како ќе гласи референдумското прашање по кое ќе се изјаснуваат граѓаните.“

    Исто така, во написот „Мицкоски во консултации за референдумот за францускиот предлог“ (24.07.2022) се тврди дека „Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се консултира како да го формулира референдумското прашање за преговарачката рамка со Бугарија и околу тоа во каква форма би бил референдумот, дали задолжителна или пак консултативна“.

    И Мицкоски даваше изјави за референдум во врска со преговарачката рамка (т.н.. „француски предлог“) или делови од неа:

    „Со таков став излегов пред Извршниот комитет и Централниот комитет на партијата за што добив и недвосмислена поддршка. Во периодот кој следи ќе продолжат консултациите со експертите со јавноста околу тоа каква форма ќе биде референдумот, задолжителна, консултативна, кога би се одржал, кој би го поднел, дали пратениците, дали 150.000 граѓани, дали ќе биде референдум претходен или последователен, дали ќе се однесува на преговарачката рамка или на делот од преговарачката рамка кој се повикува на билатералниот договор со Бугарија и изворот на проблемите, тоа е протоколот“, изјави Мицкоски.

    И во почетокот на септември, медиумите известуваа за референдум против францускиот предлог: „ВМРО-ДПМНЕ ги заврши консултациите околу најавениот референдум против францускиот предлог за почеток на преговорите за членство во ЕУ“.

    Меѓутоа, референдумското прашање на актуелната граѓанска иницијатива што ја покренува Мицкоски воопшто не се однесува на преговарачката рамка (т.н. „француски предлог“), туку на Закон за ратификација на Договорот со Бугарија, објавен во Службен весник во почетокот на 2018 година: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во Службен весник од 18.01.2017?“

    Како што објаснува во интервју и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Клековски, „Вака поставеното прашање јасно укажува дека е за Договорот со Бугарија, а не за преговарачката рамка со ЕУ…“.

    Накусо, можеме да заклучиме дека ВМРО-ДПМНЕ ги изманипулира граѓаните и медиумите по неколкумесечните најави на референдум за „францускиот предлог“, преговарачката рамка, и уставните измени.

    Референдумското прашање кое што го соопшти Мицкоски, јасно укажува дека се однесува на Договорот со Бугарија, а не на преговарачката рамка со ЕУ, се заклучува во анализата на Институтот за аналитика и медиуми.

    Извор: ИМА

    Exit mobile version