More

    ППС од Грција единствен кандидат за изградба на ХЕЦ Чебрен

    Две понуди од компании, едната од Грција и една од Франција, пристигнале на тендерот за доделување концесија за користење на водата на Црна Река, за изградба на хидроцентралата „Чебрен“.

    Како што информираше денеска министерот за животна средина, Насер Нуредини, за една од понудите на компнијата ЕДФ Франција, Комисијата утврдила дека е со непотполна документација и нема да продолжи понатаму во процесот на евалуација. Понудата на грчката ППС ќе биде разгледувана во следните 60 дена, по што комисијата ќе достави извештај до Владата. Доколку евалуацијата е позитивна се очекува договорот да биде потпишан во првата половина на 2023 година. Приватниот партнер се очекува да инвестира над 550 милиони евра, а изградбата ќе трае до 2028 година. Хидроцентралата е проектирана со 333 мегавати минимум инсталирана моќност, а првото производство се очекува од 2029 година.

    „Денеска истече последниот термин за поднесување на понуди на тендерот за доделување концесија за користење на водата на Црна Река. Иако во изминатите 20 години имаше 13 неуспешни обиди за овој проект, ние посветено работевме да успее. Со енергетската криза и последиците од недостигот на енергија, државите се ориентираат кон домашните капацитети, што беше и нашата мотивација да работиме на подобро проектирани услови во тендерот, имавме слух за забелешките на понудувачите и обезбедивме поголеми рокови за реализација“, рече Нуредини.

    Проектот ќе се изведува преку јавно-приватно партнерство, а јавниот партнер ќе биде ЕСМ. Изборот на компании заинтересирани да го градат ХЕЦ „Чебрен“ започна во јануари 2020 година. Локацијата на хидроцентралата се наоѓа во клисурниот дел на Црна Река, оддалечена е 81 километар спротиводно од нејзиното устие во Вардар.

    Во првата фаза за претквалификација која заврши во декември истата година интерес покажаа десет големи светски компании од областа на енергетиката и градежништвото, а девет од нив се квалификуваа да влезат во втората фаза на тендерот. Приватниот партнер ќе треба да ги обезбеди парите за изградба на електраната, меѓу 550 и 600 милиони евра, а ќе добие концесија за вода од 60 години. ЕСМ, како јавен партнер, ќе треба да изгради пристапен пат до хидроелектраната, поврзување со трафостаница и ќе ја понуди ХЕЦ „Тиквеш“, во состав на ХЕЦ „Чебрен“, бидејќи припаѓа на исто сливно подрачје.

    Извор: МЕТА

    Exit mobile version