Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), во анализата за посветена на вклучувањето на напорите за справување со говорот на омраза во Протоколот за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, вклучи мислења на дел од највлијателните медиумски организации во земјата, односно Здружението на новинарите на Македонија, Советот за етика во медиумите, Институтот РЕСИС, Македонскиот инстиитут за медиуми и Фондацијата Метаморфозис.
Според изнесените ставови на медиумските професионални и експертски организации, може да се заклучи дека тие се едногласни дека говорот на омраза треба да се третира во рамки на меѓународно прифатените дефиниции, документи, конвенции и механизми што земјата се обврзала дека ќе ги почитува (најмногу се посочуваат механизмите на Советот на Европа), како и на домашната постоечка легислатива.
Но, преовладува и мислењето дека правните механизми се спроведуваат недоволно и селективно, дека надлежните органи не постапуваат во доволна мера, создавајќи култура на неказнивост.
Она што ја загрижува Катерина Синадиновска од СЕММ е имплементацијата на законската легислатива за борба против говорот на омраза кај нас воопшто, не само за Бугарија.
„Сите сме сведоци дека особено судската власт (но и МВР) мора да биде далеку поажурна, ама и посвесна за тоа дека е важно да се одржува оваа борба. Во сенката на настаните, некако се изгуби од вид дека оваа борба е универзална, цивилизациска и нема и не смее да има врска со Бугарија или заради Бугарија или ЕУ“, вели Синадиновска од СЕММ во одговорите на прашањата на ИМА.
Медиумските организации и експертите упатуваат забелешки за институциите и Владата во Северна Македонија, кои се однесуваат на недостаток на транспарентност во целиот процес на дефинирање на преговарачката рамка со ЕУ и протоколот со Бугарија.
„Во случајот со третирањето на говорот на омраза во контекст на преговорите со ЕУ и исполнувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, ставот на ЗНМ е дека говорот на омраза претставува кривично дело без разлика за каков контекст станува збор, кога има експлицитни примери за говор на омраза и институциите треба да покажат проактивност без разлика дали е пласиран на традиционални, дигитални или социјални медиуми. Само преку координиран и институционален одговор кон сторителите од страна на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи ќе може да се води ефикасна и ефективна битка со говорот на омраза“, стои во одговорот на ЗНМ до ИМА.
Дел од нив ја сметаат дека е спорна улогата на министерствата за надворешни работи како механизам преку кој ќе се одвива справувањето со говорот на омраза во двете држави, бидејќи за тоа се надлежни министерствата за внатрешни работи и обвинителствата, или медиумскиот регулатор.
„Внесувањето на министерствата за надворешни работи на двете земји како точки „… за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.“ Ова целосно излегува надвор од воспоставената регулаторна рамка, особено поради тоа што ниту ова, ниту кое било друго министерство не може да има надлежност за следење, пријавување или постапување во поглед на кои било случаи на говор на омраза“, вели д-р Снежаната Трпевска од РЕСИС.
Дел од нив пак го поставува прашањето на реципроцитетот во овие односи, посочувајќи дека во јавноста државната политика на Бугарија и изјавите на многу тамошни политичари кои го негираат македонскиот идентитет и јазик се доживуваат како говор на омраза.
„Ниту ќе се „затоплат“ односите меѓу двете земји, ако е тоа намерата на овие одредби од Договорот, ниту е возможно тие да се спроведат во пракса, пред сè затоа што обврските меѓу двете држави се асиметрични, а официјалните позиции на Р. Бугарија со кои се негира македонскиот јазик и нација може да се квалификуваат како говор на омраза, вели Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми, на прашањата упатени од ИМА.
Медиумските организации и стручњаци сметаат дека во целиот процес треба особено да се внимава за да не се предизвика ефект на заладување и да не се дозволи една општа формулација за говорот на омраза да влијае врз слободата на говорот и мислата, односно да не се предизвика цензура.
Дел од одговорите на овие дилеми, сугестии и забелешки на медиумската професионална и експертска фела, веројатно ќе има кога ќе се конкретизираат акциските планови, за кои се зборува општо во преговарачките документи. Тие допрва треба да се создаваат.
„Овој процес може да вклучува и дополнување на легислативата преку процес на широки јавни консултации и дебата со која ќе се подигне и јавната свест за вистинското правно значење на поимот, со директно вградување на судската пракса на Меѓународниот суд за човекови права од Стразбур, кој е највисоко судско тело за вакви случаи и во правниот систем на нашата земја“, посочува Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис.
Во анализата на ИМА сепремесуваат мисчењата дека двете држави досега не се покажаа особено вешти и транспарентни во комуникациите во јавноста. Со тоа, тие често оставаа простор за влијание на шпекулациите, на конфронтирачките, пропаганситичките па и дезинформирачките наративи, кои создаваат дополнителна поларизација и омраза.
Факт е, констатира анализата, дека медиумската и јавната комуникација, особено кај дел од онлајн медиумите и на социјалните мрежи, е дисторизирана од огромен наплив на говор на омраза и дезинформации. Напорите на медиумските организации да влијаат на нивно намалување преку саморегулаторните механизми, а и влијанието на државата преку постапките на надлежните институции, очигледно не вродува со повидливи резултати и има мошне ограничен ефект.
Затоа, укажуваат од ИМА, дека соработката меѓу институциите, медиумите и граѓанскиот сектор е клучна за намалување на штетите од говорот на омраза. Без таа соработка, борбата со оваа деструктивна појава ќе оди многу потешко. Тоа, како што се покажа и до сега, ќе има негативно влијание и на напорите за добрососедски односи, а со тоа и на европските перспективи за земјата.
Извор: ИМА