Рускиот претседател Владимир Путин ја одобри новата руска доктрина за надворешна политика заснована на концептот на „руски свет“ што го користат конзервативните идеолози за да ја оправдаат интервенцијата во странство за заштита на населението што зборува руски, ја пренесуваат денеска медиумите оваа агенциска вест.
Во доктрината наречена „Хуманитарна политика“, која се објавува по повеќе од шест месеци од почетокот на војната во Украина, се вели дека Русија треба „да ги штити, чува и промовира традициите и идеалите на рускиот свет“.
Иако е претставена како еден вид стратегија за „мека“ моќ, таа ја потврдува како официјална руската политика за да ја оправдаат руската агресија на делови од Украина и поддршката за одметнатите проруски ентитети на истокот на Украина.
„Руската Федерација им дава поддршка на своите сонародници кои живеат во странство во остварувањето на нивните права, со цел да се обезбеди заштита на нивните интереси и зачувување на нивниот руски културен идентитет“, се наведува во документот.
Во документот се истакнува дека Русија ги зајакнува врските со сонародниците во странство за „да го зајакне својот имиџ на меѓународната сцена како демократска земја која се стреми да создаде мултиполарен свет“.
Со години, Путин инсистира на она што тој го смета за трагична судбина на речиси 25 милиони етнички Руси кои живеат надвор од Русија во државите создадени по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, што тој го оцени како геополитичка катастрофа.
Русија сè уште го смета поранешниот советски простор, од Балтикот до Централна Азија, за своја легитимна сфера на влијание, на која многу од овие земји се противат, како и Западот.
Во новата политика се наведува дека Русија треба да ја зголеми соработката со словенските народи, Кина и Индија и дополнително да ги зајакне своите врски со Блискиот Исток, Латинска Америка и Африка.