Неретко, жртви на патриотскиот говор на омраза, препознатлив по прогласување на „предавници“, се и оние што го негуваат таквиот политички говор на омраза, пишува денеска Институтот за медиуми и аналитика во текст по повод фејсбук статсуот на на актуелниот градоначалник на Карпош и лидер на партијата „ГРОМ“, Стевчо Јакимовски.
Од ИМА потсетуваат дека лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, кој во повеќе наврати прогласуваше „предавници“, поттикнувајќи омраза кон нив, и самиот стана жртва на говор на омраза од страна Стевчо Јакимовски.
Јакимовски, инаку поранешнен коалиционен партнер на Мицкоски, кој стана градоначалник на Карпош благодарение на поддршката од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, објави фејсбук статус во кој како „казна за неуспешниот референдум“ сугерира „смрт со бесење за предавникот…“.
Во нашиот правен систем нема предвидено никакви казни за неуспешен референдум, а нема ни смртна казна.
Повеќе медиуми ги објавија пораките од статусот на Јакимовски и не го испочитуваа Кодексот кој налага дека „Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа“ (член 10):
Јакимовски: Предлагам смрт со бесење за предавникот кој со еден потег ќе ја легитимира оваа нечесна игра за бугаризација на Македонија! Infomax / „Предлагам смрт со бесење на предавникот кој Ќе ја легитимира оваа игра за бугаризација на Македонија“ Think / Јакимовски: Мицкоски Влегува во авантура во која однапред знае дека нема да успее – Наздравје Македонијо! Центар / Јакимовски: Да бидеме фер однапред да договориме казна за неуспешниот референдум Локално.
Под објавите на Фејсбук страниците на порталите може да се детектираат повеќе коментари кои поттикнуваат на омраза, насилство и линч, вклучително и кон Јакимовски, потенцираат од ИМА.
ИМА го осудува ваквиот политички говор што поттикнува на омраза и насилство и бара од надлежните институции да преземат кривични мерки против сторителите на повеќе кривични дела.
Уште еднаш укажуваме дека професионалните стандарди содржани во Кодексот на новинарите и во Насоките за етичко известување во онлајн медиумите (за уредување на говорот на омраза во онлајн сферата) налагаат дека „онлајн медиумите нема никогаш да поттикнуваат омраза или нетрпеливост…“.
Исто така, онлајн медиумите имаат обврска да ги отстрануваат коментарите, кои содржат повикување на насилство или други кривични дела: „Онлајн медиумот ќе ги отстрани сите коментари кои содржат: повикување на насилство или други кривични дела, говор на омраза, дискриминација, закани и други облици на загрозување на правата и безбедноста на поединци, групи, институции, без оглед дали се директно или индиректно поврзани со текстот или темата што се обработува во него“.
Извор: ИМА