More

    250 тони линдан се спакувани и чекаат извоз, продолжува чистењето во ОХИС

    По пауза од еден месец, оваа седмица ќе продолжи ископувањето на линдан од малата депонија на ОХИС. Во првиот дел од проектот за чистење на ова историско жариште од некогашната хемиска фабрика, коешто го финансираше УНИДО, исчистени беа над 600 тони отпад, од кои над 470 тони од опасната хемикалија и 126 тони контаминирана земја, објави денеска МЕТА.

    Во вториот дел од проектот финансиран од UNOPS со средства од Повеќепартнерскиот фонд за животна средина специјално формиран за чистење на контаминацијата во кругот на ОХИС, ќе треба да се исчистат останатите количини на линдан од депонијата, која се проценува дека има околу 7.000 тони отпад, и да бидат извезени на уништување во инсенераторот во Франција.

    Чистењето на малата депонија почна во април годинава, откако, претходно речиси една година се поставуваше заштитниот шатор, се обезбедуваше потребната механизација и се вршеа обуки за работниците кои ќе го спроведуваат чистењето. Првиот дел од проектот траеше три месеци, а досега, извезени се 477 тони на отпад, кои се веќе уништени. Во тој период спакувани се и 126 тони на контаминирана земја, која сѐ уште чека да се обезбедат дозволите, за да може да се извезе во Холандија.

    Од Министерството за животна средина информираат дека се очекува тие да бидат обезбедени до крајот на септември. Извозот на опасниот отпад ќе се одвива сукцесивно, поради тоа што инсценераторот во Франција има одреден месечен капацитет на количини кои може да ги прими и да ги обработи.

    „Во кругот на ОХИС има спакувани околу 250 тони на отпад кој треба да биде извезен во наредниве недели. Ископувањето и извезувањето ќе се одвиваат паралелно во текот на следните месеци“, информираат од министерството.

    Се очекува малата депонија да биде исчистена за една година. Во овој период, информираат од министерството, активно се бараат средства за продолжување со чистењето и на големата депонија, за која се проценува дека може да содржи околу 50.000 тони опасен отпад. Канцерогениот пестицид од ОХИС го има и во трета депонија кај месноста Пеленица кај Драчево.

    Од ова историско еколошко жариште, пред започнувањето на проектот во малата депонија, беа изнесени и 64 тони заостанати залихи на уште десетина опасни хемикалии што со децении исто така биле собирани и складирани во кругот на фабриката. За две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа изнесени 81 боца и еден контејнер со хлор во Србија, 16,7 тони опасен отпад од метанол и акрилонитрил мономер, 17 тони опасен отпад од метанол, 14 тони опасен отпад од хемикалии со непознат состав, 4,2 тони иницијатори и 5,3 тони отпадни хемикалии, односно отпадни киселини, алкохоли и растворувачи, како и 13 тони на винил хлорид мономер.

    Извор: МЕТА

    Exit mobile version