Последни написи

Само 43 компании со капитал од едно евро се основани од донесувањето на оваа законска можност, „Македонското стартап село“ остана само ветување

По две години од поднесувањето на предлог-мерките за измени и дополнување на Законот за трговски друштва од страна на Министерството за економија (МЕ) и по една година од нивното усвојување, можноста за основање на трговско друштво со основна главнина од едно евро се чини како сѐ уште да останува во сенка за младите и другите граѓани во земјава, се истакнува во сторијата на МЕТА на оваа тема.

Целта на воведување на овој нов тип на друштво, односно можноста за формирање на Поедноставено друштво со ограничена одговорност (ПДОО), според актуелниот министер за економија Крешник Бектеши беше да се даде можност на сите граѓани кои имаат идеја за бизнис да се охрабрат да започнат со основање на свое трговско друштво каде би вложиле капитал од само едно евро.

Согласно податоците што Мета.мк ги доби од Централниот регистар на Република Северна Македонија од септември 2021, кога овој предлог беше воведен во Законот, досега запишани се вкупно 43 поедноставени друштва со ограничена одговорност.

Дејан Алексов, претседателот на организацијата „Стартап Македонија“ кој беше дел и од националниот стартап совет што ги подготвуваше Предлог-мерките за забрзан раст за македонскиот стартап екосистем смета дека ниската заинтересираност на граѓаните за користење на оваа можност се должи на тоа што истата е релативно нова.

Освен воведување на ПДОО, на прес-конференцијата одржана во септември 2020 година Министерството за економија (МЕ) го спомена и уште тогаш најавениот проект за „Македонско село“ во Нерези што требаше да се претвори во стартап село, каде младите од земјава и странство би имале можност да основаат бизниси без да плаќаат режиски трошоци. Тогаш беше кажано дека планот за исполнување на проектот е предвиден да се случи во следните четири години.

Мета.мк упати прашање до министерството во врска со развојот на процесот за реализирање на оваа идеја, но до денот на објавување на овој текст не добивме одговор.

Прелог-мерка на која работеше националниот стартап совет, МЕ ја предложи да влезе во измените на Законот за трговски друштва и е воведена од април оваа година е и можноста за конвертибилен заем. Станува збор за правен механизам којшто ќе им овозможи на инвеститорите да вложуваат парични средства во стартап компании без да влегуваат во сопственичката струкутра со самата инвестиција.

„Со овој механизам инвеститорите ќе можат во подоцнежните фази од развојот да одлучат дали ќе влезат во сопственичката структура преку конверзија на заемот во влог и добивање на удел во компанијата“, објаснува адвокатот и претседател на Стартап Македонија, Дејан Алексов.

Алексов вели дека стартап компаниите имаат висок потенцијал за брз раст и поради тоа ги привлекуваат инвеститорите, но, како што вели, често може да се случи истите тие компании да забележат голема стапка на неуспех. Поради тоа, привлекувањето на странски инвеститори во земјава преку можноста за конвертибилен заем може значително да го забрза растот на македонскиот стартап екосистем.

„Во Македонија има потенцијал да се развие овој механизам затоа што во последно време се бележи поголем интерес и зголемување на бројот на индивидуални инвеститори или инвеститори организирани во клубови, да инвестираат во стартапи“, посочува Алексов.

Тој вели дека младите и сите други кои имаат иновативни идеи преку комбинирање на двете измени во Законот, за основање на ПДОО и конвертибилен заем ќе можат без почетен капитал да ја основаат својата фирма, а подоцна да побараат соодветен инвеститор за развој на истата.

„На овој начин се очекува да се охрабрат потенцијалните претприемачи кои поради финансиски потешкотии можеби сеуште не започнале да работат на реализирање на својата идеја“, забележува Алексов.

Извор: МЕТА

Latest Posts

Не пропуштај