Последни написи

Русија реши да не го отвори гасоводот кон Германија денеска иако така беше најавено

Рускиот гасовод кон Германија нема повторно да се отвори во сабота како што беше планирано, соопшти државната енергетска компанија „Газпром“, пишува Би-би-си, пренесува МЕТА.

Од фирмата информираат дека откриле истекување на нафта во турбината на  гасоводот Северен тек 1, што како што објаснуваат, значи дека истиот ќе биде затворен на неодредено време.

Гасоводот беше затворен последните три дена поради одржување и поправки.

Во моментов Европа се соочува со големи стравови дека семејствата нема да можат да си ги дозволат цените на греењето во зима. Вестите за прекин на испорачувањето на нафта дополнително го зголемуваат стравот. Цените на енергенсите се зголемија откако Русија ја нападна Украина, а скудното снабдување може уште повеќе да ги зголеми трошоците.

Европа се обидува што повеќе да се одвикне од користењето на рускиот гас со цел да го намали влијанието на Москва и да одмогне во процесот за финансирање на војната, но веројатно е дека таа транзиција нема да се случи наскоро.

Претседателот на Советот на Европската Унија, Шарл Мишел на неговиот профил на Твитер напиша дека најновиот руски потег „за жал не е изненадување“.

„Употребата на гас како оружје нема да ја промени решителноста на ЕУ. Ќе го забрзаме нашиот пат кон енергетска независност. Наша должност е да ги заштитиме нашите граѓани и да ја поддржиме слободата на Украина“, напиша Мишел на Твитер.

Москва негира дека енергетските залихи ги користи како економско оружје во однос на западните санкции што беа воведени по руската инвазија на Украина. Русија ги обвини санкциите за задржување на рутинското одржување на гасоводот Северен тек 1, но ЕУ смета дека тоа е само изговор.

Најавата на компанијата Газпром пристигна кратко по одлуката на Германија, Франција, Италија, САД, Канада, Јапонија и Обединетото Кралство да ја огрнаичат цената на руската нафта во знак на поддршка на Украина.

Извор: МЕТА

Latest Posts

Не пропуштај