Последни написи

На „Отворен Балкан“ во Белград е договорено меѓусебно помагање при недостиг на храна

На лидерскиот Самит „Отворен Балкан“ што денеска се одржува во Белград, премиерот Ковачевски зборуваше за важноста на регионалната соработка на патот кон Европската Унија, особено во услови на светски превирања и економско-енергетска криза.

„И денес, оваа соработка на Северна Македонија, Србија и Албанија во рамките на Отворен Балкан, отвори пат заеднички да се справиме со предизвиците за обезбедување храна и енергенси за нашите граѓани, во услови кога сите држави во светот прават напори за справување со последиците од војната во Украина и пандемијата“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека со договорите што ќе се потпишат на овој Самит, земјите ќе се обврзат за достапност на храна до нашите граѓани.

„Прво меѓу себе да си помогнеме, секаде каде што е потребно, а потоа ќе пласираме кон други земји – како што доликува на добри соседи – како што функционираат сите држави во светот. Ќе си помагаме меѓусебно, во случај на прекин на снабдувањето со храна, како последица од глобалната криза, кога која било држава од нас, би се соочила, евентуално, со недостиг во снабдувањето на домашниот пазар, со основни земјоделско-прехранбени производи“, изјави Ковачевски, наведувајќи дека земјите од „Отворен Балкан“ ќе обезбедат стабилен и непречен проток на неопходните производи како пченката, пченицата, брашното, млекото и млечните производи, шеќерот, маслото итн.

Македонската влада предлага да се оствари соработка меѓу српската берза на електрична енергија и македонскиот оператор на организиран пазар на електрична енергија (МЕМО), со цел да се подобрат условите за меѓугранична трговија со електрична енергија. А, во натамошниот период, треба да се интензивираат и активностите за реализација на гасната интерконекција со Република Србија.

Премиерот Ковачевски рече дека ние сме веројатно единствениот регион во светот, особено во Европа, кој има граници меѓу себе.

„Јас никако не можев да разберам во минатите години кога претставници на држави кои меѓу себе немаат граници доаѓаат и ни финансираат проекти за унапредување на граничното управување и затоа сметам дека наша цел треба да биде комплетно укинување не само на административните бариери на границите меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија туку и комплетно кревање на рампите и правење на регион којшто 100% комуницира меѓу себе по сите основи“, изјави Ковачевски.

Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека ова е прв самит на „Отворен Балкан“ откако Северна Македонија и Албанија ги отпочнаа преговорите за зачленување со ЕУ. Тој додаде дека досегашниот прогрес од соработката на трите земји не бил мал.

Вучиќ додаде дека договорот за механизмите за обезбедување на континуирано снабдување со основните животни продукти меѓу трите земји предвидува дека кога одредена земја ќе донесе одлука за забрана за одреден производ, тоа нема да се однесува на другите земји од „Отворен Балкан“, пренесува белградскиот весник „Политика“.

Албанскиот премиер Еди Рама во своето обраќање на Самитот во Белград се фокусираше на енергетската безбедност, безбедниот пристап до храна и инвестициите како бенефиција од спроведувањето на иницијативата „Отворен Балкан“ меѓу трите земји. Рама додаде дека обемот на трговската размена меѓу трите земји се оценува на 100 милиони евра, пренесува албанската телеграфска агенција АТА.

Извор: МЕТА

Latest Posts

Не пропуштај