Последни написи

Кој го пушти Харпот на најјако?

Теориите на заговори за ХААРП програмата како климатско оружје се долгогодишна опсесија на конспиролозите кои го претставуваа како оружје од „Војна на Sвездите“ кое има невидени моќи – ем врз менталните процеси, ем врз комуникациските системи, ем врз климатските промени, ем врз миграцијата врз животните, ем врз здравјето на луѓето, ем врз горните слоеви од Земјината атмосфера.

Еден од најголемите популаризатори на „ХААРП“ како „врвно оружје на конспирацијата“ е голем фан и писател на научна фантастика, УФО-лог и поет – автор и на „сериозна“ книга во која тврди дека „Руска компанија нудела на продажба тајфуни по порачка уште од 1990-тите“. Се разбира, логично е да се постави прашањето: Ако руската компанија не била шарлатанска (како што тврдат руски метеоролози), туку навистина поседувала технологија за контрола на временските прилики, зошто тогаш Русија не се обвинува за користење на климатско оружје, туку САД? Но, интересно, такво прашање не се поставува. Затоа, пак, во конспиративистичката проза и суб-културата на конспирација детално е објаснета и врската помеѓу ХАРП и „хемтрејлс“, како и помеѓу „хемтрејлс“ и „локдауните“ по епидемијата од Ковид 19.

Оттаму, воопшто не е зачудувачки што популарните конспирации за „ХААРП“ се и тема која честопати се јавува кај проверувачите на факти. И функциите на ХААРП системот за контролирањето на умот на Балканот дури и по неговото затворање, се добро објаснети. Иако митовите за HAARP (кај нас се среќава и како „ХАРП“) се разобличени одамна, „ХААРП-от“ повторно беше ставен „во функција“ на креирање дезинформации за причините за невремето во Скопје.

Насловот Твитер за невремето во Скопје: Страотни фотки и видеа, обвинувања, ХАРП, но и шеги… (Скопје Инфо), сугерира дека ХАРП-от воопшто не е шега на Твитер.

Сепак, најголем дел од споделувањата на Твитот кој ги спои „ХАРП“ и двете големи невремиња во Скопје, беа со шегаџиски коментари.

Со „шега на страна“ го започнува својот статус водителот на „Јади Бурек“ Илковски, објавувајќи фотографија од научно-истражувачки процес во Флорида, проследена со „неприродни“ објаснувања на невремето во Скопје, а завршувајќи со констатацијата: „не сум по теориите на заговор, но ова беше како ништо досега што не сум доживеал“.

Иако Илковски не го спомнува експлицитно „ХААРП-от“ како во други прилики, во коментарите на неговиот пост со најмногу реакции ќе прочитате дека „Харп системот пред 2 години е воспоставен во Србија и дека се злоупотребува“ и „Харп системот пуштен на нај јак“.

Теоретичарите на заговори дури и го поставија прашањето „Кој ги брише фотографиите за делување на ХАРП?“

Интересно, но не е прв пат „ХААРП-от“ да се појави летово – истиот беше искористен за да се „објасни“ на Твитер феноменот на „многу помал интерес кај народот за масовност во протестите“.

Она што им е заедничко на сите овие „ХААРП“-овски објаснувања, е дека шират антиамерикански теории на заговори, кои имаат за цел да ги обвинуваат САД дури и за штетите предизвикани од природни феномени, како што се поплавите.

Истовремено, од Москва се негува митот дека секогаш е сончево за денот на победата 9 мај, поради тоа што Кремлин вложува милиони евра за да спречи дожд. Но, и митот за сончевата парада падна во вода во 2017, кога лошото време го спречи авијатичарското шоу, а еден месец подоцна Путин и Медведев киснеа на дождот за време на една важна церемонија.

 

Ако Москва можеше да го контролира времето, или барем да спречи дожд, тогаш Москва сигурно немаше да дозволи да биде поплавувана речиси секоја година од големи врнежи. И ако САД можеше да го контролира времето, зарем нема да ги спречи над 330 климатски катастрофи во последните четири децении, кои причинија огромни штети?

И во САД и во Русија има доволно временски непогоди кои причинуваат огромни штети, кои се индикатори дека и двете земји немаат ефикасни технологии за контрола на временските прилики. Но, затоа „ХААРП“ се покажа како ефикасна политичко-пропагандна алатка, односно, како инструмент за контрола на умот и на масите. Се додека луѓето веруваат во ХААРП како „врвното оружје на конспирацијата“, политичарите можат да бидат спокојни дека нема да бидат повикани на одговорност заради настанатите штети од временските непогоди.

Преземено од ima.mk

Latest Posts

Не пропуштај