Последни написи

Светот се простува од Горбачов, лидерот на Перестројката во СССР кој го промени текот на историјата

Михаил Горбачов, големиот лидер на Перестројката на поранешниот Советски Сојуз и добитник на Нобеловата награда за мир, почина вчера во Москва на 92-годишна возраст, по долга болест, јавија руските медиуми.

Меѓу друго, ќе биде запаметен дека заедно со американскиот претседател Роналд Реган го поттикна и овозможи падот на Берлинскиот ѕид како последден симбол на студената војна, и како одлучен чекор за обединување на Германија после поделбата од Втората светска војна.

Светските лидери со соопштенија или на своите страници на социјалните мрежи му оддадоа чест на Горбачов, пренесува Агенцијата МИА.

Еве дел од нив:

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш изрази „длабока тага“ и го нарече Горбачов „уникатен државник, кој го промени текот на историјата“.

„Направи повеќе од кој било друг, за да поттикне Студената војна да заврши на мирен начин“, пишува во соопштението на Гутереш.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го опиша Горбачов како „водач кој беше достоен за доверба и почит“. Последниот советски лидер „одигра клучна улога во завршувањето на Студената војна и падот на железната завеса. Го отвори патот кон слободна Европа. Тоа е наследство што нема да го заборавиме“, напиша таа на Твитер.

Францускиот претседател Емануел Макрон му се заблагодари на Горбачов за „ангажманот за мир во Европа“. Според Макро, Горбачов е „човек на мирот, чии избори го отворија патот кон слободата на Русите“.

Неговиот ангажман за мир во Европа ја промени нашата заедничка историја, додаде Макрон.

Британскиот премиер на заминување, Борис Џонсон ги поздрави неговите „храброст и интегритет“. „Многу ме натажи веста за смртта на Горбачов. Секогаш се восхитував на неговите храброст и интегритет што ги покажа при завршувањето на Студената војна“, објави тој на Твитер. Џонсон додаде дека во моменталната агресија на Путин во Украина, „неговата неуморна посветеност на отворањето на советското општество останува пример за сите нас“.

Рускиот претседател Владимир Путин изрази длабоко сочувство поради смртта на поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, објави синоќа Кремљ.

Latest Posts

Не пропуштај