Последни написи

Протестот против насилството врз жените во Скопје започна со напад врз активистка и активист

Пред почетокот на протестот против насилството врз жените и девојките во Скопје најавен за 17 часот, засега непознато лице со закани се обиде да ги растера присутните, при што имало напад врз еден активист и една од активистките што беа дел од организаторите на протестот, информираа организаторите.

Напаѓачот се обидел да ги заплаши присутните, прашувајќи ги зошто се собрале и упатувајќи им пцости, откако му кажале дека се собрани за поддршка на 11 годишното девојче – жртва на силување во Косово.

Потоа напаѓачот нападнал еден од активистите, а и една од активистките која се обидела да му помогне, на која ѝ се заканил дека ќе ја убие доколку ја види повторно низ вакви протести, кажуваат за „Слободна Македонија“ активистки – очевидци на нападот.

„Иако протестот беше најавен во Полициската станица Бит Пазар, единиците на СВР Скопје не беа навреме присутни таму“, велат организаторите. Како што објаснуваат тие, дури и на екипите на Брзата помош им требале повеќе од 20 минути да стигнат до плоштадот Скендербег и да укажат помош.

Од МВР велат дека во 16.32 часот на телефонската линија 192 пријавено е дека на Плоштад Скендербег од непознато лице физички биле нападнати две лица. „На лице место полициски службеници преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат од МВР за Слободна Македонија.

Протест против насилството врз жените и девојките, Скопје, 31.08.2022, извор: организатори на протестот

Инаку, денешниот протест под мотото „Протест против насилството врз девојките и жените“ го организираа група на граѓанки и граѓани, граѓански активисти од Северна Македонија. Тие со тоа изразија поддршка на активистите во Република Косово, кои денес во Приштина протестираа и кренаа глас против насилството врз жените и малолетните девојчиња, откако косовската јавност беше шокирана од сексуалното насилство на 5 мажи врз 11-годишно девојче.

П.С

Latest Posts

Не пропуштај