Последни написи

Трајаноски: Руската пропаганда за руското ослободување на „македонската земја“

Во анализата „Русија сакала да го спречи и задуши Илинденското востание по секоја цена“, објавена во Независен весник, истражувачот на ИМА Жарко Трајаноски ја анализира руската пропаганда пред националниот празник Илинден:

„Ден пред Илинден, на 1 август, рускиот амбасадор Баздникин во Прилеп  го повтори ланското тврдење дека 5 илјади руски војници и офицери „ја ослободија македонската земја“ и „храбро загинаа“: „Од 1916 до 1918 година на Солунскиот фронт 5 илјади руски војници и офицери кои ја ослободија македонската земја во составот на 2. и 4. Специјална бригада на Армијата на Источната Антанта, храбро загинаа“. Истиот ден на 1 август Руската амбасада објави дека не загинале 5 илјади руски војници, туку „четири илјади загинаа во битките на македонската земја.“ Баздникин, пред две години, пак, изјави дека „Повеќе од 4.200 војници и офицери на 2.а и 4. специјална бригада на руската империјална армија, исполнувајќи го својот сојузнички долг во состав на Источната армија на Антанта, ги положиле своите животи на македонско тло“.

 

Но, рускиот пропаганден сајт „Russia Beoynd“ во 2014 оперираше со многу поскромни бројки: „…на Солунскиот фронт во годините на Првата светска војна војувале најмалку неколку илјади руски војници и офицери… се знае дека на македонската земја се упокоени стотици руски војници“.

Зошто последниве години Русија ги злоупотребува руските војници од Првата светска војна кои биле ангажирани во состав на француската војска на „Македонскиот фронт“, и тоа за ослободување на Србија, а не на Македонија? Потоа, од кого Русите ја „ослободија македонската земја“ во Првата светска војна, ако се знае дека најголем дел од Илинденците и Македонците биле на нишан на нивното оружје? И, како тоа, откако Русите „ја ослободија македонската земја“, престанало да се зборува за денешнава Македонија („Јужна Србија“, па „Вардарска бановина“), а и за Македонците во неа?

Дали со ваквите историски провокации Русија се обидува да води „класична антибугарска пропаганда“, или пак во пресрет на Илинден се обидуваше да наметне друга историски контроверзна тема – за да не се поставуваат прашања за улогата на Русија за време на Илинденското востание и за време на Балканските војни?“

Во анализата, Трајаноски укажува дека Русија сакала да спречи востание од „бандите“ по секоја цена, предупредувала дека за востанието нема да бидат жртвувани ниту еден руски војник, ниту една руска рубља, и барала од македонското население да се откаже од комитетите и од водачите на востанието и да ги предаде.

Трајаноски ја анализира Руската пропаганда и на Илинден и по Илинден:

Кога ќе се земе предвид улогата на Царска Русија во спречувањето и задушувањето на Илинденското востание, станува појасно зошто околу Илинден Русија се обидува да отвори други теми во врска со Македонија.  Станува појасно зошто руските амбасадори и пропагандни канали речиси и не го споменуваат Илинденското востание, освен во контекст на традиционалната манифестација „Денови на Ростковски“, во чест на конзулот кој ги обесхрабруваше селаните да ги поддржуваат „бандите“.

Годинава на Илинден, додека руската амбасада објавуваше фотографии од царското семејство и дијаманти од московскиот Кремљ, портпаролката на руското МНР Захарова го обвини Скопје дека „учествува на пумпање оружје на Украина, со што придонесува за продолжувањето на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас“.

Захарова пропагандно нападна за да ја одбрани криминалната активност на режимот во Москва, кој по осудената од ОН руска воена инвазија, продолжува да го уништува цивилното население во повеќе области во Украина. МНР и МО реагираа дека уште од самиот почеток ја осудивме воената интервенција во Украина и донесовме неколку „одлуки за воено-техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција“.

Русија и Захарова продолжија со руската пропаганда и по Илинден, со напад на „антируските изјави на претседателот на Северна Македонија“, обвинувајќи ги властите за „антируската хистерија“ и учество во „информациски напад врз нашата земја“.

A Пендаровски во интервју за „Фокус“, објавено и на неговата официјална страница, го кажа само очигледното: „Сите државни институции знаат дека Русија се меша во нашите внатрешни работи. Последен пат со интензивно учество преку свои луѓе, свои политички субјекти, свои инсталации“. Пендаровски укажа и дека „руската пропаганда, руските лажни вести, не само за војната во Украина, постигна одредени успеси кај населението во Западниот Балкан, пред сѐ заради инертноста на ЕУ“.

Наместо да му кажат благодарам што ги потврди одредените успеси на руската пропаганда, од Кремљ го нападнаа Пендаровски како ширач на „антируска хистерија“.

Да потсетиме, неполна седмица пред руската инвазија на Украина, Лавров обвинуваше дека „западните медиуми и политичари продолжуваат постојано да ја ескалираат темата за руската ‘инвазија’ на Украина, и покрај тоа што се повеќе луѓе не им веруваат на нивните изјави. Тоа веќе стана шега“.

Лавров тогаш тврдеше дека „сето тоа е пропаганда, фалсификат и измислици“, ама за една седмица „ѓаволот ја однесе шегата“ и се покажа дека биле во право западните медиуми и политичари кои предупредуваа за руската инвазија на Украина.

Во право е и Пендаровски дека Русија се меша во нашите внатрешни работи и со политичка пропаганда. Останува неодговорено само прашањето какви мерки преземаат државните инстутиции во Македонија за спречување на штетно влијание на руската пропаганда со дезинформации“, истакнува Трајаноски во анализата „Русија сакала да го спречи и задуши Илинденското востание по секоја цена“, објавена во Независен весник.

Latest Posts

Не пропуштај