Последни написи

Пендаровски за „Фокус“: Имаме невидена реторика кон Албанците и антизападна, антиамериканска, антигрчка, антибугарска реторика

Во интервју за „Фокус“, објавено и на неговата официјална страница, претседателот Пендаровски дава осврт за повеќе теми, меѓу другото, и за меѓуетнички судири и тензии, засилената националистичка реторика, општествените поделби, ископаните ровови и неуспешните иницијативи за националното помирување.и приближување.

 

Пендаровски: засилената националистичка реторика и запаливата реторика може да предизвика инциденти

Пендаровски во интервјуто изразува загриженост за засилената националистичка реторика: „Меѓуетнички судири и тензии се јавуваат кога политичките актери ќе ја засилат националистичката реторика и тоа е работа која најмногу ме загрижува. Не дека Македонија ќе се распадне ако останеме надвор од ЕУ, ниту ќе има сериозна дестабилизација заради тој факт, но не е добро да постојат политички фактори кои манипулираат со националните чувства на граѓаните.“

Пендаровски укажува дека запаливата реторика кон останатите може да предизвика инциденти: „Јас се сеќавам на раните 90-ти години, кога ниту тогашното ВМРО-ДПМНЕ не одеше со таква запалива реторика кон останатите. Ние имаме реторика кон Албанците која е невидена, потоа имаме антизападна, антиамериканска, антигрчка, антибугарска реторика на невидено ниво и се плашам дека некои нови генерации поведени од реториката на политичарите можеби ќе сакаат да испровоцираат инциденти.“

Пендаровски предупредува дека се опасни обидите да се добијат политички поени со запалива реторика: „…Немаше ни близу таква реторика во 2001 година, кога имавме војна. Можеш да се обидеш да добиеш поени со таква реторика, но тоа е опасно. Ние првпат во 30 години независна држава имаме пратеник актуелен да зборува за стрелање, за сечење глави. Тоа не може да биде легитимно политичко искажување. Што ако луѓето кои излегла да протестираат на улица помислат дека тоа навистина е решение за некои проблеми?“

 

Пендаровски: меѓумакедонските поделби се невидени и се најголемиот потенцијален дестабилизатор на државата

Според Пендаровски, меѓуетничките односи не се најголемиот потенцијален дестабилизатор на државата, туку меѓумакедонските поделби кои се невидени: „Јас мислам дека во минатата година дена меѓуетничките односи не се најголемиот потенцијален дестабилизатор на државата, туку тоа се интрамакедонските односи. Не мислам дека меѓуетничките односи се толку лоши за да почне нешто слично како во 2001 година, затоа што и овие што одат со запалива националистичка реторика знаат дека денес-утре ќе им треба албански коалициски партнер и затоа не одат до крај да ги рушат тие мостови. Меѓутоа, меѓумакедонските поделби се невидени, на дневна основа се употребуваат огромни количини на изразни средства кои почнуваат и завршуваат со изроди, гробови, предавници…“

 

Пендаровски: Националното помирување е невозможна мисија, македонските партии не треба да се гледаат преку нишан на пушка

Пендаровски укажува и дека националното помирување е невозможна мисија: „Една од првите мои идеи беше да помогнам во тоа таканаречено национално помирување, посебно меѓу Македонците, но тоа е невозможна мисија. Не знам колку време треба да помине за овие длабоки рани да се залечат меѓу Македонците, за ние да сфатиме дека македонските партии не треба да се гледаат преку нишан на пушка. Ние се гледаме како крвни непријатели.“

Пендаровски го смета како личен и човечки пораз тоа што не успеале неговите иницијативи за помирување и приближување:

„Јас од првиот ден на мандатот се обидов да направам некакво приближување и да ги донесам на маса луѓето од двата политички табори, некогаш и трите табори, застапувајќи ја тука и етничката компонента. И 2019 година се обидов да донесам неколку навивачки групи на маса, но не успеав. Тие поставуваа политички услови, едните викаа да нема Северна, други да се извиниш за ова или за она, во нечие име…

И имав обид да направам трибина меѓу поранешните припадници на УЧК и на „Лавовите“, кои беа со пушка во рака едни против други во 2001 година. Бев блиску да го направам тоа, но и тоа не успеа зашто одредени политички структури се вмешаа и кај едните и кај другите. Ако не сум можел да направам состанок, кафе-пиење да речам, што да зборуваме за понатаму.

Јас тоа го сфаќам како личен, човечки пораз, иако влегов со најискрена намера  во тие иницијативи. Очигледно, не бев јас причината, туку длабоко ископаните ровови.“

Latest Posts

Не пропуштај