More

    Трајаноски: Лавров шири дезинформации за „заедничка историја“ меѓу Русија и Македонија

    Политичко-пропагандни пораки од едно интервју на Сергеј Лавров пробија не само во насловите на повеќе македонски медиуми, туку и на социјалните мрежи.

    Споделена вест на една фејсбук страница со порака од Лавров со над 5.5К реакции

    На социјалните мрежи деновиве не се шират само реални, туку и измислени изјави на Лавров, верификувани како „лажни информации“ (Измислена изјава на Лавров продолжува да се шири на Фејсбук и по проверката на факти).

    Во написот „Лавров не спомена и нас: Има разлика меѓу тоа што чувствуваат Македонците за Русија и што прават нивните политичари“ е наведена и следната изјава: „Бев во посета на Скопје и Охрид, видов како луѓето во Македонија се однесуваат кон нашата заедничка историја и религија.“

    Во анализата „Сергеј Лавров и руската „православна“ импeријалистичка пропаганда“, Жарко Трајаноски, истражувач во Институт за медиуми и аналитика ИМА, укажува дека Лавров шири дезинформации за „заедничка историја“ и за православието:

    „За каква „заедничка историја“ зборува Лавров и за каква „заедничка религија“? Русија ја нема ослободено Македонија од отоманскиот јарем (како што ја има „ослободено“ – и окупирано – Бугарија). Русија ја нема создадено македонската држава (како Кнежеството Бугарија). Руски трупи немаат учествувано ни во ослободување на Македонија од фашизмот (делумно учествуваат бугарски трупи, согласно договорот од Крајова помеѓу Тито и Терпешев). Македонија никогаш не била дел ни од Советскиот „лагер“, како што беше Бугарија. За каква „заедничка религија“ зборува Лавров, кога Руската православна црква со децении не ни помислуваше да ја признае МПЦ?“

    Трајаноски се осврнува и на следното обвинување на Лавров: „…тие ги вовлекоа во НАТО, почнаа да подгреваат русофобични чувства, агресивна политика кон Руската Федерација“.  Според Трајаноски, „Лавров повторно бесрамно дезинформира и манипулира, игнорирајќи го фактот дека НАТО станува консензуална стратешка определба на Македонија веднаш по осамостојувањето.“ Трајаноски смета дека обвинувањата на Лавров „за подгревање „русофобични чувства“ – што било „агресивна политика кон Руската Федерација“, се најблаго речено апсурдни, имајќи ја предвид руската инвазија врз Украина, осудена од 141 земја на ООН кои побараа Русија веднаш да ги повлече своите трупи од Украина“.

    Во анализата се критикува и „млаката реакција на МНР“ во која „немаше осврт ниту кон дезинформациите на Лавров за „заедничка историја“ ниту пак кон обвинувањата за „агресивна политика кон Руската Федерација“: „Додека државните институции продолжуваат да се однесуваат индолентно кон руските кампањи со дезинформации, Русија печали од „уценетите“ македонски евроинтеграции користејќи го „незадоволството од уцените врз Македонија од соседните земји за засилување на антизападното расположение во земјава“.“

    Трајаноски укажува и дека „руската „православна“ и „панславистичка“ пропаганда нема никаков проблем истовремено да поддржува и великосрпски и великобугарски идеи“. Од една страна, Трајаноски го дава како пример рускиот документарен филм „Една вера, еден јазик“: „…во филмот „Една вера, еден јазик“, Епископот Врањски Пахомиј во манастирот „Прохор Пчињски“ ја прави следнава неоснована аналогија: „Она што е за Русите Киев и Украина, тоа за нас Србите е Стара Србија, денешна Македонија“. Трајаноски забележува дека „Медиумите кои известија позитивно за рускиот пропаганден филм „Една вера, еден јазик“ ги игнорираа великосрпските тврдења според кои и денешна Македонија се третира како „Стара Србија“.“

    Од друга страна, Русија од Скопје го честита раѓањето на Гоце Делчев, а од Софија на потписникот на Санстефанскиот договор за формирање на голема Бугарија, која што ги вклучува и границите на нашата земја. Трајаноски укажува дека токму пратениците на проруската партија „Преродба“, кои гласаа против кревање на бугарското вето, држеа транспаренти „Македонија е Бугарија“ и пропагираат великобугарски слогани и тези:

    „Поранешниот член на ВМРО-БНД Костадинов мобилизира членство расправајќи на теми со препознатливите великобугарски слогани и тези: Обединување на Бугарија со Македонија (Може ли България да се обедини с Македония?), „Во Македонија се зборува на бугарски јазик“ „Ние сме си еден народ, во две држави“, „Нашиот интерес е Бугарија и Македонија да бидат една држава“, „Македонија е Бугарија““.

    Според Трајаноски, „Колку и да изгледа на прв поглед противречна, руската пропагандна поткрепа на великосрпкиот и великобугарскиот национализам во однос на Македонија има логична цел – создавање хаос и дезориентација на Балканот, спречување на евроинтеграцијата, но и јакнење на недовербата кон прозападните политички партии кои се дискредитираат како „западни марионети“ и „народни предавници“.“

    Наспроти тезата на Лавров дека Брисел, ЕУ и НАТО се обидуваат да ги претворат Македонците како инструмент во анти-руската игра, Трајаноски укажува дека Русија настојува да ја претвори Македонија (и не само неа) во инструмент за антизападна игра: „токму руската пропаганда последнава деценија е доказ дека Русија настојува да ја претвори Македонија (и не само неа) во инструмент за антизападна игра“, заклучува во анализата Жарко Трајаноски, истражувач во Институт за медиуми и аналитика ИМА.

    Exit mobile version