Последни написи

Ќосев: Македонскиот јазик не е дијалект на бугарскиот, руските „прокси“ намерно го дестабилизираа Балканот, да се извиниме за депортирањето Евреи од македонските територии

„Македонскиот јазик не е дијалект на бугарскиот“, истакна Александар Ќосев, професор по Историја на модерната култура на Софискиот универзитет и член на Клубот за бугарско-македонско пријателство во емисијата „Добро утро Европа“ на ТВ Еуроњуз Бугарија (Euronews Bulgaria) (Доц. Кьосев: „Македонският език“ не е диалект на българския).

 

Во гостувањето, Ќосев ја оцени политиката на вето на Бугарија како катастрофална и која поттикнала радикализам: „…и ние дадовме можност на тие што се најрадикални, најлуди, да обзнанат едно мислење, кое најопшто речено, претставува повикување на стари историски митови и трауми. Овозможивме да завладее јазикот на историските митови и трауми во бугарскиот јавен простор и во македонскиот јавен простор. Од тоа не произлегува пријателство. Од тоа произлегува непријателство. И сега ние тоа непријателство ќе го надминуваме со децении и децении, за тоа станува збор.“

 

Според проф. Александар Ќосев, конфликтот и непријателството е создаден заради „туѓи интереси кои имаат за цел да не се оствари интеграцијата на Западен Балкан, да нема членство на нови држави во ЕУ“: „Се создаде еден вештачки преседан два братски народи да бидат скарани и тоа не беше случајно, туку намерно со геополитичка интрига. Несомнено, од руските „прокси“ во двете земји и во Србија. Таков обид имаше и во Црна Гора, ако се сеќавате.  Тоа е намерна политика за дестабилизирање на Балканот и за оттргнување на Балканот од сферата на европското влијание. Тоа е јасно.“ – посочи професорот Ќосев.

 

На прашањето дали Бугарија треба да продолжи да  инсистира дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, професорот Ќосев рече дека македонскиот јазик не е дијалект на бугарскиот затоа што дијалектот не е во состојба да ги „опслужува“ сите сфери на едно општество: „Со дијалект не се говори во болниците, во училиштата, во канцелариите, во универзитетите, итн. Дијалектот е нешто приватно. Со дијалект зборувааат луѓето меѓусебе кога се дома. Кога еден јазик се користи во сите сфери на општествениот живот тој не е дијалект, туку литературен јазик“, потенцира професорот Александар Ќосев во интервјуто за Еуроњуз Бугарија.

 

Професорот Александар Ќосев истакна дека Бугарија треба да прифати дека направила одредени „гревови“ за време на окупацијата на Македонија и најдобро е да се извини за депортацијата на Евреите од македонската територија: „Добро е ние да признаеме дека имаме определени гревови од управувањето, за време на окупацијата на Македонија. Нели е добро да се извиниме за тоа што сме депортирале Евреи од македонските територии, и така натаму?“

 

„Доколку има вистинско историско помирување и на вистинска историска анализа таа несомнено треба да произлезе од двете страни, а не само од македонска страна. Нашите историски учебници имаат потреба од вистинска редакција, но не само заради македонскиот случај. Нашите учебници по историја се напишани во духот на еден стар национализам од 19-от  век и сега треба да бидат пренапишани во духот на еден патриотизам кој е современ, отворен, граѓански, толерантен,  кој бара контакти со своите соседи, којшто е европски, којшто е северноатлански, итн.“

 

Наместо таков патриотизам, според Ќосев, „ние ги утврдуваме старите историографски митови на коишто паразитираат новите политички субјекти коишто ги хистеризираат, ги доведуваат до крајност, до крешчендо, така што огромни маси сметаат дека тоа е патриотизам. Не, патриотизмот не е тоа. Патриотизмот е повеќе да ја сакаш својата татковина, отколку да се гордееш со неа. Затоа што љубовта е топло, и вистинско, човечко, хумано чувство, а гордоста честопати се граничи со историско фалење себеси и со историските лаги“ – поентираше професорот Ќосев во интервјуто за Еуроњуз Бугарија.

 

Ќосев е член и на Клубот за бугарско-македонско пријателство кој го поздрави напредокот во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.  Во соопштението на клубот се истакнува дека со политичката хрраброст на двете влади во Скопје и Софија, како и со напорите на француското претседателство и Европската комиисија, следува долготраен процес којшто треба да биде поддржан од  двете држави за да се победат силите „коишто создаваат само страв и омраза и коишто треба да бидат заменети со претставници на двете општества кои поврзуваат, а не делат, со луѓе што градат мостови, блиски односи и разбирање, а не оние кои сејат омраза и реваншизам“.

Latest Posts

Не пропуштај